Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими делегација на Стопанската комора на Северозападна Македонија, предводена од претседателот на комората, Менди Ќура. Претседателката Сиљановска-Давкова беше информирана за дведецениската работа на Комората, проблемите и предизвиците со кои се соочува бизнис заедницата, како и за можностите за подобрување на деловното опкружување. Според претставниците на Комората, нема економски напредок без владеење на правото и беспоштедна битка против корупцијата и елиминирање на сивата економија.
Тие укажаа дека недостатокот на работна сила наместо со увоз на работници од странство, треба да се решава системски, преку промени во образовниот процес со коишто ќе се обезбеди квалификувана домашна работна сила. Претседателката Сиљановска-Давкова укажа на потребата од инклузивен и транспарентен законодавен процес во којшто ќе бидат вклучени сите засегнати страни, меѓу кои и стопанските комори. Според неа, и претставници на бизнис секторот треба да учествуваат во меѓудржавните посети. Претставниците на комората ја поздравија иницијативата на претседателката за формирање Национален совет за соработка со дијаспората и изразија подготвеност за учество во неговата работата.