Во Италија е прекината постапката против европското претставништво на технолошкиот гигант „Гугл“, откако американската компанија се согласила да го плати заостанатиот даночен долг во земјата, кој изнесува 326 милиони евра, јави АФП. „Компанијата се согласи да го подмири долгот за периодот од 2015 до 2019 година“, напиша обвинителот на Милано Марчело Виола. Во износот од 326 милиони евра се вклучени санкции и казнени камати, се вели во соопштението на обвинителот. „Истрагата покажа дека компанијата не пријавила приходи во Италија и не плаќала даноци“, се додава во соопштението.
Лани, италијанските обвинители соопштија дека „Гугл“ не плаќал даноци во периодот од 2018 до 2022 година, изземајќи се себеси од обврската за плаќање данок со тврдењето дека компанијата не работи во Италија и не генерира приход во земјата бидејќи има дигитална инфраструктура. Во 2017 година, „Гугл“ се согласи да плати 306 милиони евра за даноци што не ги платил за периодот од 2009 до 2013 година. Финансиската полиција утврдила дека компанијата е регистрирана во Италија врз основа на бројот на вработени.