Американскиот мултимилијардер Илон Маск е вработен во администрацијата како виш советник на претседателот Доналд Трамп, но не е дел од Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) и нема формални овластувања за носење одлуки, наведува Белата куќа во судски документ, пишува „Аксиос“. Според документот потпишан од Џошуа Фишер, директорот на кабинетот за администрација во Белата куќа, Маск може само да го советува претседателот и да ги пренесува претседателските директиви. „Како и сите други виши советници на Белата куќа, господинот Маск нема реални или формални областувања самиот да носи владини одлуки“, се наведува во документот. Коалицијата сојузни американски држави предводени од демократите минатата недела поднесе тужба, нарекувајќи го Маск „агент на хаосот“ во федералната влада на кој му се дадени големи овластувања „без соодветно законско овластување од Конгресот и без значителен надзор над неговите активности“.
ДОГЕ презема опсежни мерки за намалување на сојузните агенции, а Трамп минатата недела одржа заедничка конференција за работата на тој оддел. „Маск е успешен тип и затоа сакаме тој тоа да го работи“, порача тогаш Трамп. Фишер во документот наведува дека Маск не е администратор, дури ниту вработен во одделот, што е спротивно на претходните изјави на Трамп.„Драго ми е да објавам дека големиот Илон Маск, работејќи заедно со патриотот Вивелк Рамасвами, ќе го води Одделот за владина ефикасност“, порача Трамп во декември. Оттогаш, и по заминувањето на Рамасвами од ДОГЕ, Трамп редовно го спомнува Маск како шеф на одделот.