Секое утро 48-годишниот Рефет Елмас откако ќе ја отвори својата трафика на булеварот Партизански одреди во Карпош 4 почнува да ги чисти и мете тротоарите, патеките и жардиниерите наоколу. Иако станува збор за јавна површина, Рефет со задоволство чисти не само пред трафиката, туку и наоколу и овој дел е можеби најчист во целата населба. Штом се одмине трафиката, повторно се забележуваат ѓубре и отпадоци. Вели дека откако е отворена трафиката пред 40 години секој ден чисти, бидејќи кога ќе дојде на работа, просторот околу повторно е валкан и полн со отпадоци, иако го исчистил претходното утро. „Секое утро чистам. Прво кога ќе го отворам дуќанот чистам надвор околу, па внатре и почнувам да работам. Иако ова е јавна површина, го сметам како да ми е двор. Автобуската ако не ја исчистам луѓето не можат да седнат да чекаат автобус. Мене ми е непријатно да биде валкано, се трудам да бидам позитивен и добар пример, да им покажам на младите како треба да биде, како треба да работат и да одржуваат“, вели Рефет.
Откако ќе заврши со чистењето, Рефер зема четка и боја и си ги чисти чевлите, а потоа почнува со работа. „Секој треба да се труди и да даде дел од себе за да биде чист градот. Во нечиста просторија не може да се живее, ниту да се работи. Хигиената е повеќе од здравје“, вели Рефет, кој додава дека е задоволен од работата и од приходите кои ги остварува во трафиката.