Припадниците на шпанската цивилна гарда заплениле вкупно 5.721 килограми хашиш и уапсиле шест лица во три одвоени операции во пристанишниот град Хуелва, објавија денеска шпанските медиуми. Според властите, како дел од првата акција, полицијата забележала брод за кој се сомневале дека превезувал дрога, јави државната телевизија во Шпанија. Забележувајќи ја полицијата, бродот побегнал, а екипажот ја фрлил дрогата во морето.
Полицајците пронашле три бали хашиш во водата, а уапсиле член на екипажот кој паднал во морето додека управувал со пловилото. Во втората акција агентите успеале да запрат уште еден брод кој исто така превезувал наркотици, на кој пронашле и уапсиле четиричлена екипа и заплениле 135 бали хашиш со тежина од 5.400 килограми, соопшти Цивилната гарда. При третата акција, припадниците на полицијата уапсиле маж кој чувал чамец на плажата, во кој бил откриен мал товар хашиш. Сите шестмина уапсени се обвинети за трговија со дрога и ќе останат во притвор.