Најголем дел од маркетите од утрово имаат намалени цени согласно одлуката на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите, која ќе важи до 30 април годинава. Маржата ќе биде ограничена на над 1000 производи. Со 5 отсто ќе се ограничат основните прехранбени производи како млекото, лебот, брашното тип 400 и тип 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, а со 10 проценти бруто профитна маржа месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините. Со 15 проценти бруто маржа се ограничуваат 39 прехранбени производи и средства за хигиена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго). Како највисока цена се утврдени цените што се применувале на 1 февруари годинава.
Кои цени ги намалија маркетите? Основа за пресметка на маржите се изгор цените од 1 февруари
Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, глобите за непочитување на овие две одлуки се движат од 500 до 10.000 евра. Комисијата за заштита на конкуренцијата синоќа соопшти дека повела прекршочна постапка за ланци маркети кои се договарале за цени. Комисијата за заштита на конкуренцијата извршила ненајавен увид во четири трговски ланци и во една од стопанските комори во која се здружени истите. – Увидот е извршен поради постоење на сомневање дека неколку ланци на маркети кои вршат трговија на мало со прехранбени и непрехранбени производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели односно забранува договори и усогласено однесување на две или повеќе претпријатија, а се со цел нарушување на конкуренцијата. При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање, се наведува во соопштението од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информираше дека минималната синдикална кошница за февруари изнесува 63 773 денари и е за 521 денар повисока отколку во јануари годинава кога беше 63 252 денари. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 79 148 денари.