Русија би можела да се согласи на користење на околу 300 милијарди долари од нејзините суверени средства замрзнати во Европа за обнова на Украина, но ќе инсистира дел од парите да се потрошат на една петтина од територијата на земјата контролирана од руските сили, изјавија три извори за Ројтерс. САД и Русија ја одржаа својата прва директна средба за завршување на војната во Украина на 18 февруари во Саудиска Арабија, при што претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин изразија желба да се сретнат наскоро. Откако Путин испрати војници во Украина во 2022 година, САД и сојузниците ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи помеѓу 300 и 350 милијарди американски долари руски средства, главно во форма на европски, американски и британски државни обврзници кои беа депонирани кај европските институции. Додека разговорите меѓу Москва и Вашингтон се во рана фаза, Русија размислува за користење замрзнати средства за реконструкција во Украина како дел од потенцијалниот мировен договор, велат извори запознаени со ситуацијата. Распределба на замрзнати средства?
Големи делови од источна Украина се уништени од војната, стотици илјади војници се убиени или ранети од двете страни, а милиони Украинци побегнале во Европа или Русија. Светската банка минатата година процени дека обновата и закрепнувањето на Украина ќе чинат 486 милијарди долари. Еден од изворите изјави за Ројтерс дека Русија може да прифати до две третини од средствата да се користат за реконструкција во Украина, но под услов да има јасни гаранции за тоа како ќе се користат средствата. Преостанатиот дел би отишол на териториите под контрола на Русија, кои Москва сега ги смета за дел од Русија. Друг извор наведува дека Москва е подготвена да прифати употреба на замрзнати средства за обнова на Украина, но дека е рано да се зборува за точниот начин на распределба. Кремљ не ги коментираше овие наводи. Европската комисија повтори дека „ништо за Украина и ЕУ не може да се реши без Украина и ЕУ“. Портпаролката Анита Хипер рече дека ЕУ и нејзините земји-членки и помагаат на Украина да ја зајакне својата позиција пред какви било преговори, вклучително и нов пакет санкции кон Русија. Групата седум (Г7) уште во 2023 година објави дека руските средства ќе останат замрзнати додека Русија не ги плати штетите од војната нанесени на Украина. Трамп претходно изјави дека би сакал Русија повторно да биде дел од Г7.