„Доколку се избере кандидат на конкурсот за директор на Македонската филхармонија, кој бил претходно договорен меѓу коалициските партнери на власта, тогаш јасно ќе биде дека заложбите за поставување квалификувани кадри се само декларативни и дека единствено партиските заслуги се критериум за поставување директори“, велат вработените во Филхармонија. Вработени во Македонската филхармонија денеска протестираа пред Министерството за култура и туризам, од каде побараа од министерот Зоран Љутков да ги почитува законските одредби при изборот на директор на институцијата. Како што соопшти синдикалната организација Македонска филхармонија при Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), вработените истакнале дека нема да дозволат нивната институција да биде „жртва на бесрамни политички договори“. Бараат Министерството за култура и туризам да го избере најдобриот кандидат на конкурсот за директор на Македонската филхармонија, односно кандидат кој ги исполнува сите услови од конкурсот – да има најмалку пет години работен стаж или искуство во културата, да биде истакнат културен работник со докажани референци, да приложи четиригодишна развојна програма и да поседува меѓународен сертификат за англиски јазик (Б2).
„Оваа Влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски, постојано го истакнува системот на заслуги како клучен при изборот на раководни кадри. И дека главен критериум се вештините, вредностите и заслугите на поединецот, а не неговата политичка припадност или фаворизирање по друга основа“, велат од синдикалната организација Македонска филхармонија. „Доколку се избере кандидат на конкурсот за директор на Македонската филхармонија, кој бил претходно договорен меѓу коалициските партнери на власта, тогаш јасно ќе биде дека заложбите за поставување квалификувани кадри се само декларативни и дека единствено партиските заслуги се критериум за поставување директори“, додаваат од таму. Бараат од министерот за култура и членовите на комисијата за избор на директор да се придржуваат до законската процедура и критериумите во конкурсот и со тоа да докажат дека системот на компетенции се почитува. „Во спротивно, целата документација од постапката за избор, ќе биде побарана како информација од јавен карактер и споделена со јавноста“, велат вработените во Филхармонија. Извор: Новинска агенција МЕТА