Кошаркарот на Милвоки, Боби Портис (30) е суспендиран на 25 натпревари откако беше позитивен на забранета супстанца, објави денеска НБА лигата. Како што е соопштено, Портис бил позитивен на забранетата супстанца Трамадол. Неговиот претставник Марк Бартелштајн изјави дека станува збор за несреќен случај. „Потресен сум поради Боби бидејќи направи грешка, а последиците од тоа се неверојатно значајни“, изјави Бартелштајн за американските медиуми
„Боби ненамерно зел аналгетик наречен Трамадол, мислејќи дека зема лек против болки наречен Торадол. Торадол е одобрен лек против болки што тој веќе го користел и кој тимовите и играчите повремено го користат за болка и воспаление. Трамадолот, сепак, не е одобрен лек против болки и неодамна беше додаден на листата на забранети супстанции минатото лето“, додаде тој. Портис поради суспензијата ќе загуби 2,85 милиони долари, а на теренот ќе се врати на четири натпревари пред крајот на регуларниот дел од сезоната.