Премиерот Христијан Мицкоски денеска на годишната Конференција за конзервативна акција во Вашингтон беше интервјуиран од политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд, поранешната заменик-советничка за национална безбедност во првиот мандат на Трамп. Во делот од дискусијата поврзан со говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција минатата недела, Мекфарланд наведе дека македонскиот премиер бил единствениот меѓу европските лидери кој позитивно реагирал и аплаудирал за време на говорот на Венс, во кој тој жестоко ги критикуваше европските држави.
Мицкоски рече дека говорот на американскиот претседател бил „инспиративен“ и дека тој претставувал „историски настан“. „Тоа беше историски настан, според моето скромно мислење. Не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе ми се налутат, но тоа беше инспиративен говор. Важно е дека по говорот, некои од публиката го критикуваа Венс, а некои рекоа дека тоа било своевидно мешање во внатрешните работи на суверени држави, бидејќи потпретседателот Венс наведе многу примери кои не се во согласност со слободата на говорот, со демократијата, со нашите споделени вредности. Повторно ќе речам, мислам дека беше во право“, рече Мицкоски.