Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот го отпушти началникот на Здружениот Генералштаб, генералот С.К. Браун, и најави дека ќе смени пет други високи функционери како дел од невидена реорганизација на американското воено раководство. Трамп во објава на својата платформа за социјалните медиуми Truth Social рече дека ќе го номинира пензионираниот генерал Ден „Разин“ Кејн за наследник на Браун. Поранешниот борбен пилот на Ф-16, Кејн до 2024 година служеше како заменик-директор за воени прашања во Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Трамп ќе го смени и шефот на американската морнарица, адмирал Лиза Франчети, како и заменик началникот на воздухопловните сили и главните воени судии во армијата, морнарицата и воздухопловните сили, објави Пентагон. Одлуката додаде дополнителни превирања во Пентагон, кој веќе се подготвува за отпуштања на цивилни работници, драматични промени во буџетот и преместување на американските војници според новата надворешна политика на Трамп „Америка на прво место“. Иако цивилното раководство на Пентагон се менува со секоја нова администрација, униформираните припадници на вооружените сили на САД се аполитични и ја спроведуваат политиката на демократската и републиканската администрација.
Браун, кој стана врвен воен функционер во октомври 2023 година, се очекуваше да остане на позицијата до септември 2027 година. Трамп не ја објасни својата одлука да го замени Браун или не кажа дали ќе остане на функцијата додека Сенатот не ја потврди неговата замена. „Сакам да му се заблагодарам на генералот Чарлс Браун за неговата над 40-годишна служба на нашата земја, вклучително и како актуелен началник на Генералштабот. Тој е прекрасен господин и извонреден лидер, и му посакувам нему и на неговото семејство прекрасна иднина“, напиша Трамп. Ројтерс во ноември пишуваше за плановите на администрацијата на Трамп за масовни отпуштања, вклучувајќи го и Чарлс Браун.