Шест претставници на американскат aдминистрација за порталот Аксиос изјавиле дека во изминатите девет дена имало пет инциденти кои ги налутиле Трамп, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Еден функционер рекол дека Зеленски „покажал како не треба да се работи“.
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс Радио во петокот изјави дека не мисли дека е важно украинскиот претседател Володимир Зеленски да присуствува на преговорите за војната во Украина, пренесува „The Hill“. Оваа изјава доаѓа по неодамнешните објави на Трамп дека Зеленски е „диктатор без избори“.
– Гледав со години и го гледав како преговара без карти. Тој нема карти. И на човек му се гади од тоа. Значи, мислам дека не е многу важно да биде на состаноците, да бидам искрен со вас. Тој многу го отежнува склучувањето договори – рече Трамп и предложи дека Зеленски треба да ја подели вината што не успеал да разговара со Москва со претходниот американски претседател Џо Бајден. Препирката меѓу Трамп и Зеленски која се одвива деновиве ги разбранува односите Вашингтон-Киев. Додека специјалниот пратеник на Трамп за Украина Кит Келог го пофали Зеленски по нивната средба во четвртокот велејќи дека тој е „борбен и храбар лидер“, американскиот портал Аксиос пишува декаТрамп во последните денови бил на чекор да ја прекине поддршката за Киев.
Шест претставници на администрацијата изјавија за порталот дека во изминатите девет дена имало пет инциденти кои ги налутиле Трамп, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Еден функционер рече дека Зеленски „покажал како не треба да се работи“. Американскиот министер за финансии Скот Бесант се сретна со Зеленски во Киев на 12 февруари за да понуди предлог што ќе им овозможи на САД пристап до правата на украинските ретки минерали во замена за заштита на Вашингтон. Трамп подоцна им кажа на новинарите дека Зеленски бил „непристоен“ и дека ја одложил средбата со Бесант бидејќи спиел.
На безбедносната конференција во Минхен, Венс и Рубио се сретнаа со Зеленски на 14 февруари за да добијат негово одобрение за договорот за правата на минералните суровини. Официјални лица рекоа дека Зеленски ги изненадил Венс и Рубио велејќи дека нема овластување тоа еднострано да го одобри без Парламентот. Потоа, Зеленски јавно ја отфрли понудата на прес-конференција во Минхен на 15 февруари, а претставниците на Белата куќа забележаа дека неговите забелешки дека договорот „не е во интерес на суверена Украина“ значително се разликуваат од попозитивните коментари што тој ги даде на платформата Икс претходниот ден.
Откако Зеленски критикуваше што на 18 февруари во Саудиска Арабија без учество на претставници од Киев се одржа состанок на руската и американската делегација за Украина, Трамп рече дека Зеленски има поддршка од само четири проценти од Украинците. Зеленски возврати на 19 февруари, велејќи дека американскиот претседател „живее во простор на дезинформации“. Трамп тогаш го нарече Зеленски „скромно успешен комичар“ кој стана „диктатор без избори“, пишува порталот, додавајќи дека Трамп никогаш не го окарактеризирал рускиот претседател Владимир Путин како диктатор.