„Видете, ова е важна црта – претседателот Зеленски ќе го потпише овој договор. И ќе го видите тоа за многу кратко време, а тоа е добро за Украина. Што може да имате подобро за Украина од економско партнерство со САД?“. Вака изјави советникот за национална безбедност на САД, Мајк Волц, во интервју на најголемиот собир на конзервативците во САД. Волц, кој е дел од американскиот тим за преговори со Москва, на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците изрази уверување дека САД ќе добијат дел од реките минерали и рудни богатства на Украина.
US National Security Adviser Mike Waltz says President Zelenskyy "will sign" the minerals deal. https://t.co/PAiZ4D1jU3
📺 Sky 501 and YouTube pic.twitter.com/QVv0W1gTER
— Sky News (@SkyNews) February 21, 2025
Претходно, Волц упати порака до Киев „да го спушти тонот и да го потпише договорот“. Договорот е горлива тема меѓу Вашингтон и Киев последните денови откако украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да го потпише американскиот нацрт кој му бил претставен. Во четвртокот Зеленски се сретна со специјалниот пратеник на Трамп и подоцна на Икс обзнани дека зборувал со Келог за можните безбедносни гаранции. Зеленски денеска на Икс објави дека споделил детали од средбата со Келог со шведскиот премиер Улф Кристерсон.
„Работиме на заедничка визија за безбедносни гаранции. Одлуката мора да биде донесена пред да почнат какви било потенцијални преговори, а Европа мора да биде на масата. Она што ни треба е мир – праведен и траен мир, а не само привремен прекин на огнот“, напиша Зеленски. Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак претходно денеска изјави дека разговарал со Волц и дека разговарале за „хармонизирање на позициите“. Јермак тврди дека Волц „ја истакнал важноста од одржување на билатералната соработка и високо ниво на односи меѓу Украина и САД“. Трамп сака да добие пристап до украинските минерали како форма на репарација за милијардите долари што САД ги потроши за поддршка на Киев.