И годинава, летувањата кај нашиот јужен сосед се најбарани, иако цените се зголемени меѓу 20 и 30 отсто. Неофицијално речиси 80 отсто од претсезонските аранжмани се веќе продадени, а се резервираат дури и патувањата за септември
Македонските граѓани може да здивнат, бидејќи ЕУ повторно го одложи датумот на започнување на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ETИАС). Оваа одлука е олеснување и за македонските туроператори, но и за туристите, бидејќи секоја година најмалку половина милион наши граѓани летуваат во соседна Грција, а која потпаѓа под одлуката за европска „инстант виза“. Неофицијално речиси 80 отсто од претсезонските аранжмани се веќе продадени, а се резервираат дури и патувањата за септември. Иако ЕУ досега постојано тврдеше дека овој систем ќе стане оперативен до средината на 2024 година, датумот на започнување на новите правила за патување беше одложен до мај годинава. Како што се претпоставува засега, причината е што системот за безбедност на границите на ЕУ, таканаречениот EEС или автоматизираниот ИТ-систем кој во иднина ќе регистрира патници од трети земји секогаш кога ќе ја преминат надворешната граница на ЕУ, не се подготвени. И едното не може да функционира без другото. Кога ќе почне да функционира, околу 1,4 милијарди луѓе од повеќе од 60 земји ќе мора да аплицираат за „инстант визи“ или овластувања за патување пред да заминат во ЕУ. Патниците од земји што не се членки на ЕУ од тој момент ќе треба да аплицираат за дозвола, која ќе чини околу седум евра.
– Доколку се воведеше ваквата такса, повеќе од јасно ќе беше дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат не само во Грција, туку и во другите европски земји – велат во дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“.
Секоја година повеќе од половина милион македонски граѓани патуваат за Грција со што земјава е околу првите десетина земји од аспект на туристичките посети. И годинава, според информациите летувањата кај нашиот јужен сосед се најбарани, иако цените се зголемени меѓу 20 и 30 отсто.
– Продаваме аранжмани уште од ноември, а во декември и јануари овде беше како на автобуска станица. Граѓаните брзаат да резервираат, па јуни е речиси целиот распродаден, а има значителен интерес и за септември. Тогаш цените се малку пониски, даваме попусти за рани резервации од 12 до 15 отсто, а остатокот на уплатата е на еден месец пред поаѓање – брифираат во дел од туристичките агенции.
Туристичките работници потсетуваат дека од 1 јануари 2025 година сите хотели, вили, апартмани, студија и соби за изнајмување во Грција се должни на гостите да им наплаќаат повисок данок за престој – таканаречена туристичка такса. Според тоа, туристите во Грција ќе плаќаат дневна такса од 2 евра, што е зголемување од сегашните 0,5 евра. Оваа такса ќе се зголеми на 8 евра за време на шпицот на сезоната, односно од април до октомври. Дневната такса досега беше 1,5 евра.
Таксата за престој во хотели со висока оценка ќе биде 15 евра, додека другите сместувања ќе имаат помали даноци. Инаку „инстант визите“ веќе постојат во САД, Канада, Австралија, додека самата идеја за воведување одобрение на ETИАС датира од 2016 година, но поради пандемијата, почетокот на имплементацијата беше одложен.