Главниот трик е во тоа што речиси сите вебсајтови имаат впечатливо униформен изглед, по ист образец се именуваат страниците и слични или некогаш целосно копирани содржини. Една година откога француската служба за мониторирање и заштита Вигинум ја разоткри Руската дезинформациска мрежа „Портал Комбат“, таа сè уште работи со полна пареа. Поточно, македонската верзија на веб-сајтот „Правда“ со армиска дисциплина и секојдневно објавување на полувистини, извртувања на факти и дезинформации влева сомнеж во ЕУ и НАТО и креира раздор меѓу членките визави Украина и помошта што ѝ се нуди, пишува Вистиномер. Француската државна техничка и оперативна служба Вигинум, одговорна за мониторирање и заштита од странски дигитални интерференции, која е дел од Генералниот секретаријат за национална одбрана и безбедност на Франција, ја разоткри Руската дезинформациска мрежа „Портал Комбат“. Целта на оваа координира мрежа, што содржи над 193 автоматизирани веб-страници, е да шират проруска пропаганда на глобално ниво. „Портал Комбат“ најчесто ги таргетира западните нации, постсоветските држави и нивните партнери низ светот преку локализирани портали наречени „Правда“. Главниот трик е во тоа што речиси сите вебсајтови имаат впечатливо униформен изглед, по ист образец се именуваат страниците и слични или некогаш целосно копирани содржини. На пример, Вистиномер неодамна пишуваше за тоа како се користат овие веб-сајтови за ширење дезинформации..
Иако оваа мрежа беше разоткриена минатата година, а ефективно постои уште од 2013 г., проблемот е што овие веб-сајтови сè уште функционираат и редовно објавуваат написи. Затоа, ќе погледнеме неколку наративи што се повторуваат и во кои може да се детектира извртување на вистината или пропаганда. УСАИД Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп прво да ги замрзне средствата на Агенцијата за меѓународен развој (позната како УСАИД), па потоа да ги повлече речиси сите вработени ширум светот, ги разгори страстите како на домашните сеирџии така и на странските. Меѓу написите на македонската верзија на Правда има неколку што претставуваат јасен пример за пропаганда. Таков е случајот со овие два написа во коишто се тврди дека УСАИД финансира „антируски проекти“ и се меша во внатрешните работи на земји како Ерменија, Србија, С. Македонија и Молдавија. Конкретно, се цитираат активностите на УСАИД за поддршката на слободни избори и промоција на независни медиуми како „малициозни операции“ насочени кон поткопување на Русија. Целта е да се делегитимира западната помош за развој и воедно да се промовира добро познатиот наратив дека Русија е жртва на Западната агресија. Рускиот гасовод Трите Балтички земји, Латвија, Литванија и Естонија на почетокот на февруари оваа година целосно се исклучија од руската електро мрежа и се приклучуваат на европскиот систем. Оваа значајна одлука не остана незабележана од Правда, каде тенденциозно и произволно пишува: Првите промени во цената на струјата во Естонија по исклучувањето од руската мрежа – зголемување за повеќе од 120% за неколку дена.
Иако тоа е точно дека се зголемила цената, ама не е за 120, туку за 50 отсто, и според Јуроњуз поскапувањето се должи на временските услови и на пазарите, но и оштетување на подводниот кабел Естлинк 2: Доколку литванско-финскиот кабел беше целосно оперативен, цената на струјата би била значително поевтина пишуваат Јуроњуз. Во написот насловен „Еу разговара за враќање на купувањето гас од Русија“ се сугерира дека европските власти размислуваат да го обноват увозот на руски гас за да ги намалат трошоците за енергија и да ги олеснат мировните преговори во Украина. Иако написот се повикува на веродостојни извори како Фајненшл тајмс, селективно се нагласуваат проруските аргументи, како што се наводните економски придобивки од рускиот гас. Во меѓувреме, се го испушта клучниот контекст: Европа активно работи на диверзификација на своите извори на енергија за да ја намали зависноста од рускиот гас. Со диверзификацијата намерата е да се избегне и спречи ризикот политизацијата и злоупотребата на доводот на гас — каков што беше случајот за време на војната во Украина.

Овие два написа и уште неколку други (пример: тука, тука и тука) се усогласуваат со пропагандата на Кремљ со цел да се прикаже рускиот гас како неопходен и да се поттикнат поделби во енергетската политика на ЕУ членките — особено меѓу државите кои зависат пропорционално повеќе од него. И тоа дека и покрај санкциитe, рускиот гас ем се купува по „прескапа“ цена, ем Европа одлучува да го купува во рекордни количини. Без разлика што и вкупното увезување на руските горива е намалено за 15 отсто и планирана е комплетна забрана на увоз на руски горива до 2027 година Раздор во ЕУ и НАТО Не многу поразлично и од претходни обиди на Русија да направи раздор и несогласување меѓу ЕУ и НАТО членките, така и следните неколку написи на Правда целат да го направат истото. На пример, во текстот со наслов „Министрите за надворешни РАБОТИ на ЕУ и ветија на Украина ‘членство ВО НАТО’“ лажно се прикажува исходот од министерскиот состанок во Киев меѓу Украина и земјите од југоисточна Европа – Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Северна Македонија, Романија, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора. Со манипулативниот наслов се алудира божем министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ го даваат ова ветување. А, дури во третиот параграф од текстот го пишува следното појаснување: Документот ја потврдува „меѓусебната помош на земјите кандидати во процесот На Европска интеграција и ја нагласува важноста на безбедносните гаранции за Украина, вклучително и нејзиното идно членство во НАТО.“ Во оригиналното коминике на украинското МНР пишува „се нагласува важноста на безбедносни гаранции за Украина, вклучително и нејзиното потенцијално членство во НАТО“. Овој пример јасно ја покажува манипулацијата, бидејќи има огромна разлика меѓу разговарање за потенцијално приклучување кон НАТО алијансата (со сите импликации што ги носи тоа членство) до директно ветување за истото. Слично, во следниот напис насловен „Украина е најблиску ДО членството во ЕУ, одлучи Вучиќ по разговорот Со Зеленски“, се тврди дека српскиот претседател Александар Вучиќ го кажал тоа по разговорот со Володомир Зеленски. Всушност, како што пренесува српскиот Дневник, цитатот гласи: На прашањето кој е поблиску до ЕУ, тој рече дека политички сигурно е Украина, која е веројатно најблиску во овој поглед, а во сè друго Србија, која е многу подолго на тој пат. Врамувајќи го напредокот на Украина со застојот на Србија и останатите земји од Балканот во евроинтеграцискиот процес е типична тактика за свртување на земјите кандидати едни против други и зло(употребување) на нивните фрустрации во однос на ЕУ. Но, со оваа тактика воедно се намалува и поддршката за Украина, што ѝ оди во прилог на Русија.* * * Дезинформациските наративи пропагирани од мрежата Правда, особено преку нејзиниот македонски портал, откриваат пресметан напор за искористување на регионалните незадоволства, засилување на поделбите меѓу западните сојузи и поткопување на довербата во демократските институции. Со мешање на селективни (полу)вистини, погрешно врамување на текстовите или пренагласени наративи кои одат во корист на Русија и нивната пропаганда, содржините имаат за цел да се намали довербата во НАТО, ЕУ и поддршката што се дава на Украина, додека во исто време Москва се позиционира како рационален и сигурен партнер. Преку примерите може да се види како еволуира софистицираноста на наративите на Кремљ, коишто сè повеќе се потпираат на манипулации и вадење на работи од контекст, наместо на директни измислици како порано. Спротивставувањето на таквите наративи бара не само силна проверка на фактите, туку и проактивни напори за справување со легитимните фрустрации што тие ги користат — без разлика дали се работи за застој во процесот на пристапување во ЕУ на Балканот или за економските оптоварувања на продолжениот конфликт. Изор: Новинска агенција МЕТА