Провокативната, нова, насловна страница на угледниот британски неделник Економист (The Economist) ја дефинира состојбата во Европа како „најлошиот кошмар“, опишувајќи ја изминатата недела како најмрачната седмица на континентот по падот на Железната завеса. Во својата анализа, магазинот предупредува на катастрофалните последици од надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи ја неизвесноста околу иднина на Украина, рехабилитацијата на Русија и поткопувањето на европската безбедност.
„Украина се продава, Русија повторно добива кредибилитет, а Америка под водство на Трамп повеќе не е сигурен сојузник на Европа во случај на конфликт“, пишува Економист.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, говорејќи во Минхен минатата недела, саркастично ја опиша Европа како „домот на фините вина и социјалните давачки“, што, според магазинот, ја покажува американската незаинтересираност за одбрана на континентот. Според анализата, Трамп се подготвува да ја напушти Украина, отворено нарекувајќи го нејзиниот претседател Володимир Зеленски „диктатор“ и предупредувајќи го дека „ако не се договори брзо, ќе остане без држава“. Наместо да ја зајакне безбедноста на Украина, САД можеби ќе се обидат да наметнат нестабилен прекин на огнот со минимални безбедносни гаранции.
Но, според Економист, најголемата опасност за Европа не е само судбината на Украина, туку амбицијата на Трамп да го рехабилитира Владимир Путин, напуштајќи ја повеќегодишната пракса за негова изолација. Белата куќа веќе започна мировни преговори со Кремљ во Ријад на 18 февруари, без вклученост на европските лидери. Државниот секретар Марко Рубио изразил ентузијазам за соработка со Москва, потенцирајќи „историски економски можности“, а магазинот саркастично прашува дали наскоро ќе видиме Trump Tower на Црвениот плоштад. Анализата предупредува дека политиката на Трамп би можела да го разниша НАТО, оставајќи ги источноевропските земји ранливи. Сомнежите за американската подготвеност да го брани сојузот ја поткопуваат неговата стабилност.
„Ако Русија нападне балтичка држава или предизвика хаос преку кибер-напади и саботажи, што ќе направи Европа?“ прашува Економист.
Одговорот досега е разочарувачки. И покрај трите години од почетокот на руската инвазија врз Украина, Европа не успеала значително да го зголеми воениот буџет, а состанокот на лидерите во Париз на 17 февруари само ги откри длабоките разлики меѓу нив, анализира списанието. За да се заштити, Европа мора да ја зголеми воената потрошувачка на 4-5 отсто од БДП, што би значело нови 300 милијарди евра годишно. Сепак, тоа би барало радикални економски промени, вклучувајќи нови заеми и намалување на социјалните трошоци, заклучува Економист
„Ноќната мора што ја создаваат Путин, а сега и Трамп, можеби ќе ја натера Европа конечно да сфати дека мора сама да ја преземе одговорноста за сопствената безбедност“, се заклучува во анализата.