Музичарот Фил Колинс, поранешен пејач и тапанар на составот „Џенесис“, проговори за својата здравствена состојба и изјави дека нема желба, ниту физичка можност да се врати во студиото. Цело време размислувам дека треба да слезам во студиото и да видам што ќе се случи. Но, веќе ја немам таа жед. Работата е во тоа што сум болен, многу болен…“, изјави тој за „Моџо“. Новинарот кој го интервјуираше забележа дека неговиот глас ослабе на момент, пред да продолжи да зборува за своето здравје. Инаку, Колинс во 2007 година претрпе повреда на рбетот, по што му беа оштетени нервите. Потоа беше подложен на операција на грбот, по која разви повреда на нервот во стапалото, што му го отежнува одењето. Десет години по повредата на рбетот, доби и повреда на главата. Многумина забележаа дека неговата здравствена состојба се влошила за време на последната турнеја на Џенесис, која заврши во 2022 година. Тогаш Колинс пееше седејќи, а тапаните ги свиреше неговиот син, Ник.
Колинс и понатаму учествува во музички проекти, но само во ретроспективен контекст. Музичарот уште во 2021 година изјави дека повеќе нема да свири на тапани, бидејќи нема физичка можност за тоа. „Едвај можам да држам палка во рака. Физички сум многу ограничен, што е исклучително фрустрирачко“, сподели тој. Колинс стана главен вокал на „Џенесис“ по заминувањето на Питер Габриел од бендот. Габриел присуствуваше на последниот концерт на „Џенесис“ во О2 арената и изјави дека, иако Колинс не бил во форма како некогаш, бендот направил одлична изведба. За својата здравствена состојба, Колинс зборува и во документарниот филм „Фил Колинс: Драмер Фрст“, кој беше снимен по завршувањето на турнејата на „Џенесис“. „Сè уште не можам целосно да го прифатам. Целиот живот свирев на тапани. Одеднаш да не можам да го правам тоа – тоа е шок. Ако еден ден се разбудам и можам да држам палки, ќе се обидам повторно. Но, чувствувам дека ги исцрпив сите можности“, рече тој. Колинс претходно зборуваше и за заминувањето на Питер Габриел од бендот, признавајќи дека не бил свесен што тоа ќе значи за нив „Искрено, мислев дека можеме да продолжиме како инструментален бенд. Но, останатите не се согласија“, рече тој.„Џенесис“ по заминувањето на Габриел стана уште попопуларен отколку порано. „Луѓето често сугерираат дека намерно станавме покомерцијални. Не, едноставно претходно не знаевме да напишеме хит-синглови“, нагласи музичарот. Тој се присети и на последниот концерт на „Џенесис“, кој беше обележан со неочекуван момент. За време на турнејата, Фил веднаш по настапите одел дома, но по последниот концерт реши да остане и да се дружи со останатите членови на бендот. „Испивме неколку пијалаци, јадевме кари… Кога се подготвував да си одам, Тони Бенкс ме прегрна. Мислам дека никогаш порано не го направил тоа. Ми беше многу мило“, раскажа тој. Со емотивна објава за Фил Колинс: Лили Колинс му го честиташе роденденот на својот татко