Австрискиот европратеник Томас Вајц, кој е постојан известувач за Македонија во Европскиот парламент, денеска го посети националниот парк „Маврово“.На средбата со раководството на установата, Вајц искажал задоволството од теренското разгледување и посочил дека регионот и паркот имаат огромни потенцијали за развој на алтернативниот туризам и сточарството. Од НП „Маврово“ информираат дека на работната средба гостинот се заложил земјава да добие правичен третман и наскоро да ги започне преговорите со Европската Унија и дал ветување дека во извештајот ќе го подвлече проблемот на неможноста од значително искористување на европските фондови.
Директорот на НП „Маврово“ Харис Ибраими го запознал новиот европратеник со плановите за периодот кој следува и активностите за заштита на природните ресурси, но и предизвиците кои се однесуваат на масовното иселување на локалното население. Ибраими на средбата предложил да се стави поголем фокус на финансиската поддршка за граѓаните и бизнис секторот во рурални средини со што би се помогнало при создавање на подобри услови за населението и негово опстојување на територија на паркот.