Лидерот на конзервативната партија ЦДУ и кандидат за германски канцелар, Фридрих Мерц, по победата на денешните избори за Бундестагот, вечерва изјави дека Европа мора да најде начин да ги зајакне своите безбедносни капацитети, откако се случија тензии со САД околу војната во Украина и финансирањето на НАТО, пренесе „АФП“. „Мој апсолутен приоритет ќе биде зајакнувањето на Европа што е можно побрзо, за чекор по чекор, да постигнеме независност од САД во безбедносните прашања“, рече Мерц. „По минатонеделните изјави на Доналд Трамп, јасно е дека Американците се помалку заинтересирани за иднината на Европа“, рече Мерц за време на дебата со другите водечки кандидати по изборите.
„Многу ме интересира што ќе се случи од денес до НАТО-самитот на крајот на јуни“, рече тој, додавајќи дека е „прашање дали се уште ќе зборуваме за НАТО во неговата актуелна форма или дали ќе мораме да формираме независна европска безбедносна структура многу побрзо“.
Мерц, кој ја предводи сестринската коалиција ЦДУ/ЦСУ рече дека тој „воопшто нема илузии за она што доаѓа од САД“. Тој ги осуди и „неодамнешните интервенции во германската изборна кампања од страна на Илон Маск“, откако американскиот милијардер и новопечен политичар, како и претседателот Доналд Трамп, отворено ја фаворизираа ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АфД). „Интервенциите од Вашингтон не беа ништо помалку драматични и дрски од интервенциите кои ги гледавме од Москва, оттука ние сме под огромен притисок од двете страни“, заклучи Мерц.