Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска изјави дека Русија не треба нужно да се обвинува за предизвикување на војната во Украина – позиција што е на линија со неодамнешните напади на претседателот Доналд Трамп против украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека се наближува тригодишнината од борбите. „Војната не требаше да се случи – таа беше испровоцирана. Тоа не мора да значи дека е испровоцирана од Русите“, рече Виткоф во неделата во интервју за „Си-ен-ен“. Виткоф сугерираше дека војната ја поттикнала желбата на Украина да се приклучи на НАТО. „Тогаш имаше секакви разговори за пристапот на Украина во НАТО. … Тоа не требаше да се случи. Тоа во основа стана закана за Русите и затоа мораме да се справиме со тој факт“, рече Виткоф. Во истото интервју, Виткоф рече дека украинскиот претседател Зеленски прифатил да го потпише специјалниот договор со САД, кој треба на Америка да ѝ ги отстапи наоѓалиштата на вредни минерални суровини во земјата, откако првично „се колебал“. Американскиот пратеник рече и дека тој договор најверојатно ќе биде потпишан неделава.
Забелешките на Виткоф следуваат по неговото враќање од Саудиска Арабија, каде што заедно со државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ратклиф и советникот за национална безбедност Мајк Волц, ги надгледуваа преговорите за ставање крај на руско-украинскиот конфликт минатата недела. Овие дискусии, кои беа првите непосредни средби на американски и руски претставници од почетокот на руската инвазија врз Украина, не вклучија ниту еден украински функционер, а властите во Киев соопштија дека тие не биле ни поканети на состаноците. Украина рече дека нема да прифати договор кој им е наметнат, особено оној со кој се отстапуваат територии окупирани од Русија. Минатата недела, Трамп дополнително ги зголеми стравувањата дека Соединетите држави ќе се зближат со Русија, со тирадата од напади врз Зеленски. Во објава на неговата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп напиша дека САД биле „измамени да потрошат милијарди“ за помош на Украина по руската инвазија во 2022 година и го нарече Зеленски „диктатор без избори“ кому е „подобро да се движи брзо или нема да му остане земја“.