Заменик-претседателката на парламентарната група на Алтернатива за Германија (АфД), Беатрикс фон Шторх, јасно го кажа својот цврст став за имиграцијата додека зборуваше во живо за „Си-ен-ен“ вечерва, од прославата на историскиот успех на нејзината ултрадесничарска партија, која освои околу 20 отсто од гласовите на изборите за Бундестагот. „Прво треба да се ослободиме од сите оние кои се илегално во Германија, а потоа да ги протераме сите оние кои дојдоа од Сирија бегајќи од Асад и сега го слават неговиот пад на улиците на Германија“, рече Фон Шторх на изборната прослава на АфД во Берлин. Фон Шторх продолжи во заканувачки тон:
„Тие треба да си заминат доброволно. Ако не сакаат да си заминат, ќе им помогнеме да си заминат. Истото важи и за оние од Авганистан“.
Пратеничката додаде дека е „благодарна“ на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс што „укажал дека демократијата е под закана и дека слободата на говорот во Германија е навистина под притисок“. Ова доаѓа откако Венс зборуваше на Минхенската безбедносна конференција претходно овој месец, велејќи им на европските лидери дека таканаречените „огнени ѕидови“ немаат „место“ во демократијата.