Во вечерашната постизборна телевизиска дебата на германските политички лидери, тие ги коментираа проектираните резултати од изборите за Бундестагот, според кои централно-десничарскиот блок ЦДУ/ЦСУ освои најмногу гласови (околу 28.5 отсто), а екстремно десничарската АфД е втора, со околу 20 отсто. Во дебатата , организирана од државнaта телевизија, лидерот на ЦДУ и веројатен нов канцелар на Германија, Фридрих Мерц, најави дека ќе се обиде да формира влада која ќе ја претставува цела Германија и уште еднаш нагласи дека нема намера да соработува со АфД.
Кандидатката на АфД, Алис Вајдел, рече дека „нејзината рака останува подадена“ кон конзервативниот блок, а доколку се формира каква било друга коалициска влада, таа ќе биде нестабилна и „нема да трае“. Вајдел исто така прогнозираше дека во тој случај ќе има нови избори за кусо време, а на тие избори нејзината партија ќе ги надмине ЦДУ и ЦСУ. Лидерката на АфД го нарече Мерц „привремен канцелар“. На ова тој одговори дека Вајдел „може да пружа раце колку што сака“, но дека меѓу нивните партии има суштински разлики кои не можат да се надминат.
Мерц повтори и дека повеќе би сакал да формира влада со еден коалициски партнер отколку со двајца – но дека конечната одлука за ова ќе зависи од официјалните изборни резултати.