Договорот кој треба да ѝ овозможи на Америка користење на украинските наоѓалишта на ретки минерални суровини, кој е во завршна фаза, не содржи воено-безбедносни гаранции, изјави денеска американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, според „The Hill“.
„Но, тој содржи имплицитна гаранција дека ако САД силно инвестираат во економската иднина на Украина, тоа е економска безбедносна гаранција“, вели Бесент.
Според него, договорот е дел од долгорочната стратегија на претседателот Доналд Трамп за постигнување мир меѓу Украина и Русија. Се однесува на стратешки минерали, енергетика и државни компании, а може да биде потпишан уште следната недела. Москва не го одобрува ваквиот договор, што според Бесент, е уште еден поттик за Киев да го прифати. Тој додаде дека е разочаран што украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не го потпишал документот.
Договорот предвидува приходите од природните ресурси, инфраструктурата и другите средства на украинската влада да се вложуваат во фонд за долгорочна реконструкција и развој на земјата, при што САД ќе имаат збор во економските и административните прашања. Според американскиот претседател Доналд Трамп, Украина на овој начин треба да ѝ ги врати на Америка милијардите долари вложени за нејзина одбрана во трите години од руската инвазија. Трамп во саботата изјави дека очекува договорот наскоро да биде постигнат, а пратеникот на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „веќе не се колеба“ околу договорот и дека се согласил да го потпише.