Софиското јавно обвинителство покрена обвиненија против пет лица за вчерашните инциденти за време на протест во Софија, јави „24 часа“. Четворица полнолетни луѓе и еден малолетник се обвинети за „хулигански дејства со особена дрскост“ за време на вчерашниот протест на партијата „Преродба“ во главниот град на Бугарија.
Според обвинителството, некои од обвинетите покажале отпор кон полицијата пред зградата на Европската комисија и Европскиот парламент, а дел од нив ја запалија вратата на зградата во која се наоѓа седиштето на Европската комисија. Според заменик-обвинителот Атанас Доцински, обвинетите можат да се соочат со затворска казна до пет години, додека за малолетникот таа би била до две години. Судот утре ќе одлучува околу притворот за обвинетите.
Протестот, организиран против воведувањето на еврото како платежна валута во Бугарија, почна пред Народната банка, а потоа продолжи пред претставништвото на Европската комисија. Демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и црвена боја врз зградата и го запалија знамето на Европската унија, пред да ја потпалат и вратата на зградата во која се наоѓа седиштето на ЕК во земјата. Во судирите со полицијата, повредени се десетмина бугарски органи на редот. Обвинителството работи и на идентификација на други учесници во насилството. Според полицијата, протестот бил организиран од пратеници на „Преродба“, кои уверувале дека нема да има инциденти.