Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со францускиот колега Емануел Макрон ја изразил потребата за почеток на преговорите за Украина, кои ги вклучуваат двете страни во конфликтот. Ердоган деновиве и јавно ја изнесе желбата Турција да биде домаќин на преговорите со кои треба да се стави крај на тригодишната руска инвазија.
– Претседателот Ердоган рече дека Турција продолжува со напорите да стави крај на војната меѓу Русија и Украина и да постигне праведен и траен мир и дека како земја која успеала неколку пати да ги доведе завојуваните страни на преговарачка маса, Турција може да придонесе за мировните преговори, вклучително и како нивен домаќин. Важно е да се започне преговарачки процес кој нема да ги исклучува двете страни во конфликтот, соопшти кабинетот на турскиот лидер.
Ердоган и пред Макрон повторил дека за Турција е неприфатлив планот што го предложи американскиот претседател Доналд Трамп, со кој милиони Палестинци би се преселиле од Газа во Египет, Јордан или во други земји.
– Претседателот Ердоган и францускиот претседател Макрон се договорија да работат покоординирано во наредниот период како лидери на две земји-сојузнички на НАТО, соопшти канцеларијата.