Група тинејџери од Нови Сад во саботата вечерта влегле во подземните воени галерии (т.н. „катакомби“) во Петроварадинската тврдина за да ги „истражуваат“, по што останале заглавени, пишуваат српските медиуми. Кога сакале да се вратат на површината, тие сфатиле дека челичната врата која води кон излезот е заклучена. Не се знае како тоа се случило, но можно е да е во прашање несолена шега. Тинејџерите потоа се јавиле во полицијата, која ги алармирала новосадските пожарникари, кои ја пресекле вратата и ги ослободила „затворениците“.
Петроварадинската тврдина е масивен воен фортификациски комплекс од 18-век на рид покрај брегот на Дунав, кој Австоунгарската империја го градела 88 години, на темелите на други, постари тврдини. Од 2000-тата година наваму тврдината е позната по тоа што на неа се одржува музичкиот фестивал „Егзит“.