Прес -службата на Ватикан соопшти дека „ноќта помина мирно“ и дека „папата Франциск се одмара“, што значи дека во текот на ноќта немал нови респираторни напади. Денеска преку лабораториски тестови се очекува да се утврди дали лековите што му се даваат се ефикасни во лекувањето на двојната пневмонија што му е дијагностицирана.
Во изјавите за италијанскиот печат, експертите на денешниот десетти ден од хоспитализацијата на папата нагласуваат дека посебно внимание треба да се посвети на следење и лекување на лесната бубрежна инсуфициенција што се случи вчера. Синоќа, конечно, во црквите во големите италијански градови – почнувајќи од Рим и Болоња – верниците се молеа за закрепнување на Франциск и негово враќање во „Света Марта“ во Ватикан.