Поддршката што Европската Унија ја обезбедува за развојот и за напредокот на општината, како и најразличните можности што се отвораат со евроинтеграциите, беа во фокус на посетата на Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас, на Струмица. Во текот на својот престој во градот, Шефот на делегацијата на Европската Унија се сретна со градоначалникот на општината, Костадин Костадинов. Рокас одржа и дискусија на најразлични теми со општинските советници, а во локалниот Europe House дебатираше со граѓаните за важноста на евроинтегративниот процес. Посетата на општината Амбасадорот ја искористи и за да се запознае со работата на Пречистителната станица за фекални и отпадни води во Струмица. Овој објект, кој работи во рамки на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Струмица, беше изграден со финансиска поддршка од 6,5 милиони евра од Европската Унија.
Во пречистителната станица пристигнуваат од 350 до 400 кубика фекални и отпадни води од физичките и од правните лица во Струмица, а излегуваат од 280 до 300 кубика чиста вода. Процесот на обработка се придржува до европските стандарди. Дополнително, пречистителната станица е разубавена и со мурали од уметниците Ване Костуранов, Марјан Димиќ, Блаже Атанасов, Драган Китановски-Драш и Филип Конески.
Со цел да ја поддржи земјата при воспоставувањето и одржувањето чиста животна средина, отпочнати се процеси за изградба на пречистителна станица и во Тетово. За североисточниот и за источниот регион, пак, во план е изградба на прва регионална депонија. За овие два проекта ЕУ вкупно ќе одвои околу 70 милиони евра. Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, ја посети Струмица во рамки на серијата активности преку кои тој остварува средби со претставници на локалната власт, со членови на граѓански организации и иницијативи, со претприемачи, како и со лица што се дел од други сегменти на локалната заедница. Со нив тој разговара за теми што најмногу ги засегаат, како и за можностите што се отвораат во текот и по завршувањето на евроинтегративниот процес. Пред Струмица, Рокас вакви посети реализира и во Битола, Тетово и во Куманово.