Додека спорот за Казандол е пред завршница, уште еден рударски проект во Македонија виси на конец поради истите злобни „екологисти“ и би можел да се најде во арбитражна постапка која се проценува на милијарда евра штета по Македонија. Денес за Македонија и нејзините граѓани не е прашање дали Доналд Трамп, претседателот на САД, е во право кога ги бара наоѓалиштата на металични суровини (благородни и ретки) од Украина како компензација за воената помош и дали Украинците знаат точно што поседуваат од богатство (имаат многу) и дали заедно со ЕУ сите три страни го знаат ценовниот развој. Напротив во Македонија мора да се праша и да се одговори: Зошто таа не ги користи своите минерални суровини за економски развој и геострашка предност? Но, и кои се злобните „екологисти“ кои сакале да ја спроведат кампањата првенствено врз рудниците Казандол и Иловица-Штука „да ги седнеме во скут“? Злокобна кампања јасна и провидна како ден.
Впрочем, во контекст на претстојните денови кога ќе се очекува обелоденување на арбитражниот спор за одземената концесија на рудникот Казандол, еве одговор како се одвивала кампањата на злобните „екологисти“. Казандол одлучил да инвестира во економски најскапата, но еколошки најдобра технологија за животната средина која ја нарачале од еколошки најподобната компанија Outotec од Финска. Сепак, оваа компанија за да ви продаде технологија има многу услови кои мора да се исполнат и поради тоа ја ангажира компанијата Pöyry PLC (Finnish: Pöyry Oyj), која пак ангажира наш експерт на ниво на Југоисточна Европа. Оваа личност потврдува дека Казандол употребува соодветна и современа технологија и дека може непречено да работи. Но! Прави огромна грешка. Се вклучува во политика и тоа кај две змии отровници. Ѝ доделуваат висока државна позиција на личноста и започнуваат двете со притисок „да ги седнеме во скут“. Личноста видно вознемирена бара помош, ама ја греши портата и оди кај „Троглавиот Аждер, Ала“ и тој вели кај Казандол, па и Иловица-Штука. Седнувањето им е тотално неуспешно бидејќи инвеститорите „тежат“ не десетици туку стотици милијарди евра. Ја промашија вратата, ама ни оставија горчина на сите нас кога само ќе го споменеме името Македонија и инвестиција во неа. За жал, личноста ја имаат оболено, сега е во пензија, ама информациите излегуваат на виделина. На прашање на сериозен аналитичар: Што ќе се случува по пресудата од арбитражниот спор за Казандол каде тужат инвеститорите? Одговорот е следен: следуваат уште тужби ама сега пред судските инстанци во Македонија и тоа прво фирмата, па вработените, па коминтентите и на крај фирмата од Финска за навреда и авторско право во делот наречен нова достапна технологија.
И сѐ започнува и завршува со Казандол кој инаку е најмал рудник. Поради коректност не можам во овој момент при заклучување на арбитражниот спор да ги дадам економските параметри кои ќе имаат силно влијание врз економијата во целата наша држава. Но, додека овој спор за Казандол е пред завршница, уште еден рударски проект во Македонија виси на конец поради истите злобни „екологисти“ и би можел да се најде во арбитражна постапка која се проценува на милијарда евра штета по Македонија. Станува збор за проектот за рудник за бакар Иловица – Штука кој има потенцијал да биде најголемиот рудник за бакар во Југоисточна Европа. Имајќи предвид дека бакарот е на листата на ЕУ за критични минерални суровини неопходни за енергетската транзиција и побарувачката е огромна, а соодветно на тоа и неговата цена, може да претпоставиме во каква економска и геостратешка позиција ја става Македонија реализацијата на овој рударски проект. Но, и што можеме да загубиме како држава ако пропадне реализацијата на овој проект. Параметрите за потенцијалниот рудник Иловица – Штука се следни: Само за илустрација, со реализација на странски директни инвестиции во износ од 350 милиони евра во проектот Иловица-Штука ќе се овозможи зголемување на бруто домашниот производ за 4%. Реализацијата на проектот ќе оствари 3.200 нови работни места, ќе се реализира извоз од 200 милиони евра на годишно ниво, и во државниот буџет ќе се уплаќаат минимум 24 милиони евра годишно или вкупно над 500 милиони евра во вид на даноци и концесиски надоместоци. Дополнително, во текот на 20-годишното работење на идниот рудник предвидено е годишно да се трошат над 70 милиони евра на локалните деловни партнери.
Дополнително, рударскиот комплекс ќе реализира извоз од 200 милиони евра годишно, што би значело намалување на трговскиот дефицит за 14% на национално ниво, со што рудникот Иловица Штука би се вброил во топ 3 извозници во државата. Во врска со значењето на трговскиот дефицит, односно поголемиот увоз во однос на извозот – значењето на намалување за 14% изразено во евра е четиристотини (400) милиони евра. Согласно нашата монетарна политика е одржување стабилност на денарот во однос на еврото (ова е исклучително значајно за одржување на економска стабилност, бидејќи во спротивно ќе имаме сериозен проблем со висока инфлација). Со оглед на проблемот на голем трговски дефицит, за да го одржи тој курс Народната Банка би требало да користи државни резерви. Колкав е трошокот за одржување на тој курс јас лично не знам, ама единствено тој товар може да се намали со зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит. Досега злобните „екологисти“ ова го оспоруваа и го спречуваа со многу лаги. Но, дојде време кога научно-образвните институции се будат и се трудат да ѝ објаснат на државата односно на оние кои ги користат политиките и ги носат одлуките дека науката има егзактни пристапи кон зачувување на животната средина и кон унапредување на економијата. Во следните колумни ќе зборуваме за науката, нејзиниот пристап кон проблемите и економските параметри кои се добиваат со влијание од благородните и ретки метали, но и од другите метали и неметали кои ги поседува Македонија и како истите да се сочуваат и правилно да се екстрактираат и употребуваат за доброто на граѓаните и за развој на државата. Да живее Македонија!