февруари 24, 2025 Воведувањето здрави навики кај децата со цел одржување на оралната хигиена е предизвик за секој родител. Детската возраст носи несвесност за тоа колку е важно четкањето заби и какви последици може да има по општото здравје во иднина, доколку не се прави редовно и темелно. Со значително поголем предизвик се среќаваат родителите чии деца имаат посебни потреби.
Кој е предизвикот кај оваа категорија деца?
Без разлика дали се работи за деца кои се со физички или психички попречености, станува збор за особено чуствителна категорија деца кај кои родителите заедно со стоматолозите имаат сериозна задача поради фактот дека кај нив потешко е да се зачува оралното здравје. Токму овие деца се соочуваат со значително поголем ризик од кариес на забите.
Фактори кои влијаат на оваа состојба се: користење на лекови кои имаат висока доза на шеќери во нив или лекови кои предизвикуваат сува уста, исхрана со мека храна која потешко се отстранува од забите и неможност за редовно четкање на забите и редовна посета на стоматолог.

Совети за родителите како да го одржуваат оралното здравје во домашни услови
Кај овие деца се препорачува користење на флуоридни пасти и течности. Но, доколку детето нема можност или навика да исплакне и плукне, се советува користење на истите во многу мали количини (паста на четката колку зрно ориз) со што доколку ја голтне истата, нема да има ризик од несакани ефекти. Родителите на овие деца исто така треба да внимаваат на внесот на шеќери и дневната фрекфенција на хранење. По секое јадење, ако не се во можност да ги исчеткаат забите на детето, да му даваат повеќе вода, со што би се оневозможило наталожување на поголемо количество на храна на забите. Непцата кај овие деца заради сите горенаведени причини често можат да се воспалени, па затоа се препорачува користење на гелови кои во својот состав имаат природни антисептични и смирувачки ефекти.
Стоматолошки третман кај овие деца
Се советува децата со специјални потреби да бидат водени од специјализирани медицински установи каде ќе се следи нивното орално здравје и каде тие ќе имаат можност и пристап до стоматолошки зафати со седација или општа анестезија. Доколку самата состојба дозволува комуникација и соработливост со детето, потребно е често да се носи на стоматолог, со што детето ќе стекне сигурност, ќе биде поопуштено, ќе го запознае стоматологот и ќе стекне доверба. Клучно е исто така секоја интервенција да се одвива со максимален фокус и трпение од страна на лекарот бидејќи тоа ќе креира позитивното чувство кај детето.

Најчест метод на работа кој е добро прифатен од страна на децата е Кажи-Прикажи-Направи. За овој метод е потребен подолг термин во кој терапевтот ќе има доволно време да му презентира на пациентот детали за самата процедура. Пожелно е докторот да има модели кои визуализираат како изгледа работата на самите заби. Кога детето согледува дека се работи за едноставна маневрација, и се запознава со природата на работата, се намалува стравот од непознатото и анксиозноста исчезнува.
Но, доколку сепак не може да се воспостави комуникација и воопшто не постои можност да се работи на забите на детето, тогаш се препорачува примена на една од следниве техники на работа: Инхалација на диазотен оксид, седација и општа анестезија.
Во нашата клиниката сите овие техники се достапни, водени од стручно едуцирани медицински лица во оваа област. За да закажете термин, јавете се во нашиот контакт центар 02/3094-484