Десетина лидери од Европа и Канада денес се во посета на главниот град на Украина за да ја одбележат третата годишнина од војната со Русија, во очигледен знак на поддршка за Киев среде сè подлабока неизвесност за посветеноста на администрацијата на Трамп во помагањето на Украина да ја одбрани својата територија од руската инвазија, пренесува Асошиејтед Прес. Некои од најважните поддржувачи на Украина, вклучувајќи ја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и канадскиот премиер Џастин Трудо, се меѓу гостите кои беа пречекани на железничката станица од украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сјбиха и шефот на кабинетот на претседателот Зеленски, Андриј Јермак. Во објава на X, фон дер Лајен напиша дека Европа е во Киев „бидејќи Украина е во Европа“.
„Во оваа борба за опстанок, не е во прашање само судбината на Украина. Станува збор за судбината на Европа“, напиша таа. Украинските и европските претставници се вознемирени од пријателскиот пристап на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин и неговите остри изјави кон украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во низа непожелни случувања за Киев, Трамп во последните денови го нарече Зеленски диктатор, сугерираше дека Украина е виновна за војната и ја прекина трогодишната дипломатска изолација на Путин од страна на САД. Американски официјални лица исто така ѝ дадоа до знаење на Украина дека нејзините надежи за членство во НАТО најверојатно нема да се остварат и дека веројатно нема да ја врати територијата што руската армија ја окупираше, што изнесува речиси 20% од земјата.