Измамниците ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување и штом ќе добијат пристап до компјутерот или мобилниот уред, пристапуваат до електронското банкарство на жртвата и ги префрлаат паричните средства. СВР Охрид ја известува јавноста дека отсекот за компјутерски криминал деновиве бележи зголемен број на пријави од граѓани за измама сторена преку социјалните мрежи и телефонски повици од лица кои се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути и ветуваат висока и брза заработка.
„Измамниците комуницираат со жртвите користејќи броеви кои обично изгледаат како локални броеви, но и броеви со странски префикс, со цел да стекнат доверба. Во текот на разговорот ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап (AnyDesk, SupremoMobile и останати апликации), под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување и да им помогнат околу креирање на свои профили, ги наведуваат дека може да помогнат во процедура за подигнување на брзи кредити од локалните финансиски друштва (најчесто користено финансиско друштво е ИУТЕ кредит од причина што имаат свој „банкомат“ од каде жртвата ги подигнува паричните средства. Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство на жртвата и ги префрлаат паричните средства, а контактираните граѓани остануваат без пари пред да сфатат дека се измамени со што, штетите се значително големи“, соопшти охридската полиција.