Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека смета оти Србија направила грешка со гласањето за „европската“ резолуција во Генералното собрание на Обединетите нации, со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет. Државата требало да биде воздржана на гласањето, вели Вучиќ.
„Мислам дека Србија денеска згреши, за тоа им се извинувам на граѓаните и сам ја носам вината за тоа, затоа што претпоставувам дека сум уморен и оптоварен и не можам сè да завршам, изјави Вучиќ за тамошните медиуми.
Тој додаде дека Србија била воздржана на гласањето за ривалската американска предлог-резолуција и дека „гласала токму онака како што треба“, наведувајќи дека според него требало да се воздржи и за прашањето за „европската“ резолуција, поднесена од Украина и поддржана од целата Европска унија.
„И, како што можете да видите, ова го кажувам во овој момент кога е сосема јасно дека поради ова ќе изгубам наклонетост или политички поени во ЕУ. Верувам дека Србија мораше да биде воздржана. Немам кого друг да обвинувам освен себе, не успеав доволно да се справам со тоа“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека Србија три години „трпела во најтешката можна ситуација“ во однос на невоведувањето санкции против Русија, додавајќи дека ставот на Србија „нема да биде урнат со една, две или три резолуции“. Генералното собрание на ОН денеска ја усвои резолуцијата со која ја потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на таа земја. САД денеска не успеаја да го натераат Генералното собрание на ОН да ја усвои во оригиналната форма нивната резолуција со која се бара прекин на војната во Украина, но без да се спомене дека Русија е агресор и без да се поддржи територијалниот интегритет на нападнатата држава. Текстот на резолуцијата подготвена од Украина и нејзините европски сојузници беше усвоен со 93 гласа „за“, 18 „против“, вклучително и САД и Русија и 65 воздржани. Србија гласаше „за“ оваа резолуција.