Русија сака Украина да стане пријателска, соседна држава, изјави претседателот Владимир Путин во интервју за „Русија 24“. Според Путин, на власт во Украина треба да дојдат луѓе од доверба на народот. Имајќи предвид дека Русија е агресор кон соседната земја од гледна точка на интересите за зајакнување на украинската државност за која зборува Путин, се поставува прашањето колку овие руски позиции кон Киев се искрени, колку може на овие ветувања да им се верува, но и кој ќе биде чекорот на Европа, анализираат дел од светските медиуми. Имено, како добар гест во однос на намалувањата на стравувањата дека Русија во иднина би можела повторно да ја нападне Украина е и последната иницијатива која ја истакна Кремљ, а се однесува на намалување на воените буџети на земјата, секако во договор со САД, но не и со ЕУ. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да разговара со САД за можноста за намалување на буџетот за одбрана.
Путин посочи дека намалувањето на трошоците за 50 отсто би било „добра идеја“, што може да направи значителен чекор кон намалување на воениот буџет и негово насочување кон други приоритети. За време на истото обраќање, Путин ја коментираше војната во Украина, велејќи дека Доналд Трамп сака да ја подобри „политичката ситуација“, но додаде дека таков обид повеќе ѝ користи на Украина отколку на Русија. Рускиот претседател ги осуди и актуелните европски лидери, истакнувајќи дека тие се „посветени на режимот во Киев“ и не можат да се „мрднат“ од оваа позиција без да го изгубат образот. Тој конкретно се осврна на украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврдејќи дека Русија и САД „сакаат да постигнат мир во Украина што е можно поскоро“, но дека постапките на Зеленски ја попречуваат таа цел. Путин истакна дека украинскиот претседател „се довел во ќорсокак“ со забраната за преговори со Русија, што, според него, го отежнува постигнувањето мир во регионот. Америка мирот во Украина го гледа низ призмата на економскиот бенефит. Од друга страна, САД преку Трамп јасно дава до знаење дека сè ќе се одвива паралелно со она што Вашингтон го бара од Украина.
Трамп направи сè поагресивни чекори кон Украина за правата на нејзините минерални богатства, барајќи дури 500 милијарди долари како компензација за поддршката на Вашингтон за Киев во одбраната на инвазијата на Москва. Украинскиот претседател Володимир Зеленски досега одби да потпише два нацрт-договори предложени од администрацијата на Трамп, велејќи дека условите, за кои „Њујорк тајмс“ објави дека вклучуваат Киев да се откаже од приходите од минерали, нафта и гас, плус заработка од пристаништата и друга инфраструктура во износ од 500 милијарди долари, се премногу сурови. „Нема да потпишам нешто што ќе треба да го враќаат 10 генерации Украинци“, рече Зеленски на прес-конференција во неделата. Но, Трамп вчера инсистираше на тоа дека „конечниот договор“ е „многу блиску“ и дека ќе вклучува „ретки земји и разни други работи“. Украина има огромни наоѓалишта на критични елементи и минерали, од литиум до титаниум, кои се од витално значење за производство на модерни технологии и многу посакувани во глобалната трка по ресурси. Исто така, има огромни резерви на јаглен, како и нафта, гас и ураниум, но голем дел од тоа е на територии под руска контрола. Европските ветувања за мир во Украина се само реторички. Во меѓувреме лидерите на Франција и Велика Британија, Емануел Макрон и Кир Стармер, ги интензивираа напорите да го спречат можното зближување меѓу Вашингтон и Москва. Според британскиот весник „Тајмс“, Париз и Лондон се обидуваат да го убедат американскиот претседател Доналд Трамп да ги напушти директните преговори со Русија и наместо тоа да ги прифати европските безбедносни гаранции за Украина.
Макрон и Стармер се во посета на Вашингтон оваа недела за лично да го кажат својот случај. Нивната главна грижа е дека независните преговори меѓу САД и Русија би можеле да го поткопаат „единството на Западот“. Во замена, Европа предлага нова безбедносна рамка за Украина, вклучувајќи распоредување до 30.000 европски мировници, пишува „Волстрит журнал“. Сепак, европските лидери признаваат дека без американска поддршка, без разлика дали преку воени гаранции или логистика овој план тешко може да се спроведе. Европскиот услов за мир. Успехот на европскиот план ќе зависи од тоа дали Макрон и Стармер ќе можат да го убедат Трамп да не склучува независен договор со Путин, туку да продолжи со координирана акција на Западот. Сепак, имајќи ја предвид политиката на Трамп за приоритет на американските интереси и фактот дека Велика Британија и Франција имаа три години да го постигнат тоа, останува неизвесно дали Европа ќе успее во својот план. Доколку Трамп ги спроведе своите економски договори со Русија, тоа може да означи целосен пресврт во меѓународните односи и нова ера во американско-руските односи.