Според Законот за работни односи, репрезентативност на синдикат за територијата на Република Македонија, односно на здружение на работодавачи за територијата на Република Македонија се определува заради учество во трипартитни тела за социјално партнерство и трипартитни делегации на социјалните партнери. Комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на ССМ, сè уште не е формирана, а без неа Синдикатот нема легитимитет да преговара за минималната плата. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека таа би требало да се формира на следната или на некоја друга седница, но не гледа причина минималната плата да се утврди и во март, односно кога ќе почне и да се применува. На крајот на декември истече репрезентативноста на ССМ, а без комисија која повторно ќе го потврди нивниот легитимитет, не може да се одржи ЕСС, ниту пак да се преговора за зголемување на минималецот, затоа што ќе нема кој да преговара со газдите. – Минималецот може да се донесе и во март, бидејќи се исплаќа на почетокот на април. Ако се заврши со договор меѓу работодавачите и синдикатот, нема никаква дилема – објасни Мицкоски.
Според Законот за работни односи, репрезентативност на синдикат за територијата на Република Македонија, односно на здружение на работодавачи за територијата на Република Македонија се определува заради учество во трипартитни тела за социјално партнерство и трипартитни делегации на социјалните партнери. Репрезентативност на синдикат на ниво на јавен сектор се определува заради учество во колективно договарање на ниво на јавен сектор. Репрезентативноста на синдикат, односно на здружение на работодавачи на ниво на Република Македонија, на ниво на јавен сектор, на ниво на приватен сектор од областа на стопанството и на ниво на гранка, ја утврдува министерот надлежен за работите од областа на трудот, на предлог од Комисија за утврдување на репрезентативноста во согласност со овој закон. -Репрезентативен синдикат за територијата на Република Македонија е синдикат кој ги исполнува следните услови: да е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот; во него да членуваат најмалку 10% од вкупниот број на вработени во Република Македонија кои плаќаат членарина на синдикатот; да здружува најмалку три синдикати на национално ниво од различни гранки, односно оддели, согласно со Националната класификација на дејности кои се запишани во регистарот на синдикати кој се води во министерството надлежно за работите од областа на трудот; да дејствува на национално ниво и да имаат регистрирани членки во најмалку 1/5 од општините во Република Македонија; да дејствува во согласност со својот статут и демократските принципи и во него да членуваат синдикати кои потпишале или пристапиле на најмалку три колективни договори на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности.
Репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20 % од бројот на вработени во јавниот сектор и кои плаќаат членарина. Репрезентативен синдикат на ниво на приватен сектор од областа на стопанството е синдикатот кој е запишан во регистарот кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20 % од бројот на вработени во приватниот сектор од областа на стопанството и кои плаќаат членарина – пишува во ЗРО. Од ССМ се песимисти, вели потпретседателот Иван Пешевски. Тој не верува дека ќе се остварат нивните заложби за 450 евра минимална плата. -Од последниот Економско-социјален совет е поизвесно дека работодавачите и владата нема да исплаќаат поголема минимална плата од 400 евра, односно според законскиот минимум – вели Пешевски за „Слободен печат“.