Претседателот на Комисијата за европски прашања и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, денеска оствари средба со нерезидентната амбасадорката на Кралството Данска надлежна за земјава, Н.Е. Перниле Деилер Кардел. Главна тема на средбата беа актуелните случувања на глобалната сцена и процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, при што беа разменети мислења за предизвиците и перспективите со кои се соочува нашата земја во овој контекст. На средбата се разговараше и за тековните состојби во однос на клучните реформи во рамки на пристапните преговори и нашата заложба и посветеност, како држава, за надминување на предизвиците, исполнување на обврските во евроинтегративниот процес и обезбедување на негов континуитет.
Милошоски изрази благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции, притоа истакнувајќи дека очекува нејзино продолжување со несмалено темпо и за време на данското претседавање со Советот на Европската Унија, во втората половина на 2025 година. Во однос на евроинтеграцискиот процес, амбасадорката Кардел подвлече дека позицијата на Данска е дека Западен Балкан е добредојден во ЕУ, за што, како што рече, треба да се постигнат критериумите во делот на владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права. Соговорниците разменија искуства за процесите на евроинтеграција и за актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија. На средбата беа разменети и мислења за придобивките за граѓаните од членството во ЕУ, како и за потребата од постојана промоција на тие вредности.