Макрон и Трамп се согласија дека секој мировен договро треба да вклучува и распоредување на европските мировни сили во Украина, предлог што беше целосно отфрлен од Русија. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека примирјето помеѓу Украина и Русија би можело да биде договорено во наредните недели. Тој ова го кажа во интервју за Фокс Њуз во Вашингтон, САД, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа на тригодишнината од руската инвазија. Како што пренесува Би-би-си, Трамп, кој исто така посочи дека војната може да заврши „во рок од неколку недели“, инсистираше на тоа дека Европа треба да ги преземе трошоците и товарот на каков било мировен договор за Украина. Макрон рече дека секој мировен договор во Украина „не смее да биде предавање на Украина“ и мора да биде поддржан со безбедносни гаранции. Доаѓањето на Трамп и неговиот втор мандат во Белата куќа значеше „менување на играта“, кажа францускиот претседател.
Тој додаде оти е „изводливо“ да се зборува за примирје во војната и почеток на преговорите за одржлив мир во рок од неколку недели. Макрон кажа дека разговарал со 30 други европски лидери и сојузници и многу од нив се подготвени да бидат дел од безбедносните гаранции за Украина. Тој, како што рече, работел со британскиот премиер Кир Стармер на предлогот за испраќање војници во регионот. „Не да одиме на линијата на фронтот, не да одиме во конфронтација, туку да бидеме на некои локации дефинирани со договорот, како присуство за одржување на овој мир и нашиот колективен кредибилитет со американска поддршка“, рече Макрон. Еден од најдобрите начини да се обезбеди американска посветеност на украинскиот суверенитет, рече тој, ќе биде преку договор за критичните минерали, за кој моментално преговараат Вашингтон и Киев. На заедничката прес-конференција по средбата со Макрон, Трамп не ги спомна безбедносните гаранции, но рече дека цената и товарот за обезбедување мир во Украина мора да ги платат европските нации, не само САД. Макрон одогвори дека Европа ја разбира потребата да го сподели безбедносниот товар и додаде дека вчерашните разговори го исцртале патот напред. Трамп рече дека сака прекин на огнот што е можно поскоро, додавајќи дека ќе ја посети Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин откако ќе падне договор. И двајцата се согласија дека секој мировен договор треба да вклучува и распоредување на европските мировни сили во Украина, предлог што беше целосно отфрлен од Русија.
Вчера, како што пишува Би-би-си, САД двапати застанаа на страната на Русија во гласањата во ОН поврзани со војната во Украина. Двете земји прво се спротивставија на европската нацрт-резолуција со која се осудуваат постапктие на Москва и се поддржува територијалниот интегритет на Украина, а која на крајот беше усвоена од Генералното собрание на ОН во Њујорк. Членовите на Генералното собрание на ОН ја поддржаа европската резолуција со 93 гласа, но САД не беа воздржани, туку всушност гласаа против, заедно со Русија, Израел, Северна Кореја, Судан, Белорусија, Унгарија и 11 други држави. Потоа, САД и Русија ја поддржаа изменетата резолуција подготвена од САД во Советот за безбедност на ОН, која повикува на прекин на конфликтот, но не содржи критики за Русија. Резолуцијата на Советот за безбедност беше усвоена, но двајцата клучни сојузници на САД – Обединетото Кралство и Франција, беа воздржани во гласањето откако беше ставено вето на нивните обиди за измена на формулацијата. Извор: Новинска агенција МЕТА