Федерален судија во Вашингтон денеска повторно ѝ нареди на администрацијата на Трамп да ги исплати средствата за помош и на странските корисници според претходните договори и на примателите на грантови, наведувајќи дека нема знаци дека владата презела какви било чекори за да се усогласи со претходната наредба за одмрзнување на средствата. Одлуката на американскиот окружен судија Амир Али уследи по тужбата поднесена од организации кои имале договори за помош со Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) и Стејт департментот, објави АП.
Оваа одлука се однесува на работи извршени пред 13 февруари. Ова е трет пат Али да им нареди на административните службеници да ги одмрзнат фондовите за странска помош што беа замрзнати откако претседателот Доналд Трамп нареди 90-дневно замрзнување на сета странска помош, што ги фрли глобалните хуманитарни напори во хаос. Тужителите во тужбата навеле дека ќе мора целосно да прекинат со работа доколку наскоро не им бидат исплатени. Тие тврдат дека администрацијата го прекршила федералниот закон и Уставот на САД со одбивањето да ги исплати средствата, како и со распуштањето на УСАИД. Агенцијата во неделата објави дека целиот нејзин персонал, освен одредени работници, ќе биде ставен на платено административно отсуство и дека 1.600 работни места во САД ќе бидат укинати.