Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира во петок да отпатува во Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп, откако официјални лица од двете земји постигнаа договор за нацрт-договор за експлоатација на минералните резерви на Украина, потврдија за Ројтерс два неименувани доброупатени извори. Претходно денеска „Фајненшл тајмс“ објави дека Украина постигнала договор со САД за експлоатација на украинските минерални резерви, што, како што сметаат украинските власти, треба да резултира со подобри односи со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и отворање можности за долгорочен безбедносен ангажман на Америка во Украина.
Откако САД се откажаа од барањето Украина да го отстапи правото на експлоатација на минерални резерви во вредност од 500 милијарди долари, украинските власти потврдија дека официјален Киев сега е подготвен да потпише договор за заеднички развој на минералните и енергетските ресурси на Украина, вклучувајќи нафта и гас, пишува лондонскиот весник.
Договорот за минерали е клучен за напорите на официјален Киев да добие поддршка од САД додека американскиот претседател се обидува брзо да стави крај на руско-украинската војна. Трамп и Зеленски минатата недела разменија навредливи зборови, американскиот претседател го нарече Зеленски „непопуларен диктатор кој мора брзо да постигне мировен договор или ќе ја изгуби својата земја“, додека украинскиот лидер рече дека „американскиот претседател живее во балон од дезинформации“.