Серијата статуси посветени на новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска, а надополнети со фотографии за полесно да нѐ препознаат оние кои сакаат да нѐ направат сапун и да нѐ силуваат, тој ја оправдува со наводите дека ние сме корисници на „криминални средства“ од УСАИД. Но, вистинските причини се поинакви и оваа кампања има за цел да нѐ заплаши и да ја спречи работата на новото истражување на ИРЛ посветено на правосудниот систем. Влогот за многумина е голем, а за Павловиќ Латас цената може да е слободата.
Редакциски коментар…На 25 февруари 2025 година (вторник), Драган Павловиќ Латас – менаџер на порталот Вечер на своите профили на социјалните мрежи (Фејсбук и Икс) во рок од четири часа објави серија статуси кои го таргетираа персоналот на ИРЛ, а испровоцираа канонада од омраза и повици за линч и сексуално насилство. Еден долгогодишен уредник и угледен новинар, како што Драган Павловиќ Латас себеси се претставува, не би требало да се занимава со, според него и неговите истомисленици, „небитни“ жени и девојки, од кои некои, како што самиот тврди, се без идентитет и потекло.
Зошто човек кој 21 година беше меѓу најмоќните уредници на најгледаната телевизија во земјата „Сител“ и кој би требало добро да ги познава етичките и професионални стандарди, а воедно е и конзервативец кој промовира семејни вредности, би го искористил своето влијание за да доведе во опасност две новинарки? Не сме ниту првите, ниту последните што се соочуваат со вакви напади. Но, дефинитивно не сме од оние коишто ќе одмолчат пред оваа вознемирувачка опсесија и поттикнување на насилство.
За потсетување, Павловиќ Латас во 2023 доби кривична пријава од Јавното обвинителство дека ширел „ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста“. Со оглед на толеранцијата што ја ужива од сите владини администрации до денеска – од Црвенковски, Груевски, Заев, па до Мицкоски – нема ниту една причина да не ги сфатиме сериозно неговите закани и заплашувања.
Но, вистината е сосема поинаква. Гневот на Драган Павловиќ-Латас и неговите сојузници во медиумите и политиката не е случаен. Тој произлегува од нешто многу посериозно: постоењето на цела политичко-медиумска индустрија, изградена за заштита од прогон.

Што е поводот?
Серијата јавни објави посветени на нас, придружени со наши фотографии со очигледна намера да поттикнат препознавање и потенцијално насилство се оправдуваат со обвинувања дека сме „криминални корисници“ на средства од УСАИД, „соросоиди“ и „предавници“ кои во моментов, според него, бараат финансиска поддршка од НАТО во Брисел, каде што впрочем Македонија е членка речиси пет години, за да продолжат со своите „субверзивни активности“.

Тој се претставува како семеен човек, патриот и поддржувач на „вистинските политики“. Ние, според неговите тврдења, сме предавници и милионери кои „криминално“ добивале грантови.
Последниот пат кога тимот на ИРЛ беше мета на медиумски напад, со јасна намера да ги заплаши новинарите и да ги исцрпи психички, беше пред објавувањето на истражувањето за пожарот во модуларната болница „Убиство во Тетово“. Тогаш, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, преку платена медиумска кампања, ширеше дезинформации и нѐ нарекуваше рекетари коишто сакаат да го уништат чесниот македонски бизнисмен, за да ја дискредитира редакцијата и да го саботира истражувањето.
Од што пробува Латас да се заштити?
Драган Павловиќ Латас има долга историја на клеветнички текстови против ИРЛ, најчесто кога јавно ги бранел олигарсите за коишто ИРЛ известувало и ги претставувал како жртви на неправда. Всушост, Павловиќ Латас во својата новинарска кариера никогаш се нема занимавано со проблемите на обичниот човек и секогаш стоел во одбрана на оние со економска и политичка моќ. Но, овој пат, зад пропагандата што ја води преку социјалните мрежи стојат подлабоки стравови. Во позадината се водат валкани игри од луѓе кои имаат многу да загубат, вклучително и сопствената слобода.
Драган Павловиќ Латас и неговите клеветнички и полни со омраза објави имаат една цел – да го спречат новото истражување на ИРЛ. Конкретно, со неговата кампања се стреми да нè заплаши да престанеме да истражуваме за функционирањето на една длабока и моќна медиумско-обвинителска мрежа чии членови водени од лукративни интереси „гаселе“ судски случаи во кои државниот буџет бил оштетен за милионски суми. Сето ова се правело за да го зачуваат нелегално стекнатиот имот и за да се заштитат од кривичен прогон. Меѓу оваа плејада од јавни личности, бизнисмени и политичари е и Драган Павловиќ Латас.
Зошто не смее да му се верува на Павловиќ Латас
Македонија е длабоко поделена земја. Заедно со апатијата, идеолошките поделби помеѓу граѓаните се клучното гориво за да може да цути режимот на олигархијата, а добро одбрана екипа на ботови и медиумски експонирани лица имаат задача да ги одржуваат и продлабочуваат овие поделби и да сеат омраза меѓу граѓаните.
Драган Павловиќ Латас и нему сличните никогаш не биле храбри патриоти, а и никогаш не биле чесни новинари, туку профитери коишто со децении уживаат значајни финансиски привилегии добиени за возврат за нивните услуги кон економски и политички моќните.
Постои една цела ергела од возрасни и речиси пензионирани новинари кои од независноста до денеска, привилегијата на вашата доверба ја злоупотребија за да ги лажат граѓаните и да ги сокријат вистинските општествени проблеми сѐ со цел една мала група на луѓе да профитира преку нашите медиуми и нашите институции. И тие планираат да продолжат да го прават тоа преку поттикнување поделби и посочување предавници и патриоти. А, тоа им одговара само на малкумина.
Затоа, на Драган Павловиќ Латас не смее да му се дозволи да се претставува како морален суд во општеството којшто ќе прогласува предавници и патриоти. Најголемото предавство на „народот“, како што таа генерација милува да ги нарекува граѓаните, е да му се сервираат неточни, непроверени и нерелеватни информации кои имаат цел да поттикнат чувство на омраза кон лажни виновници за состојбите во општеството. И сето тоа додека се уживаат финансиски привилегии далечни за мнозинството од оние коишто треба да му поверуваат. За човекот чиј што збор некогаш „тежеше“ кај добар дел од јавноста, ова се веројатно и последните напори да поврати барем дел од своето изгубено влијание во политичките и судско-обвинителски кругови, за да се спаси од кривичен прогон.