Со воена свеченост, денес, во касарната „Илинден“, припадниците на Баталјонот на специјални сили (бСС), го одбележаа 1 март – Денот на единицата, денот кога во 1994 година е формирана првата специјална, воедно и професионална единица во Армијата позната како „Волци“. Министерот за одбрана, Владо Мисајловски во своето обраќање им се заблагодари на припадниците на единицата за нивниот професионализам, посветеност, пожртвуваност и патриотизам кој е инспирација и за младите кои сакаат да се приклучат на Армија. „ Вие со сето ова ја искажувате огромната љубов кон својата татковина, Македонија… Не само што од вас зрачи професионализам, од вас зрачи подготвеност и континуирано преку секојдневните обуки сте подобри и поефикасни. Во тоа се гледа и вашата големина. Неуморно да работите на себеси и на сопствените вештини кои се во служба на безбедноста на секој еден граѓанин“ рече Мисајловски и додаде дека припадниците на специјалната единица се најдобри, најспособни, најобучени, што е потврдено при секое оценување.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање оддаде јавно признание на сите поранешни припадници за нивната работа и придонес со кој се овозможи градење на единицата и истакна дека да се биде и остане на врвот не е лесна задача. „Вие сте прва единица која ги постави темелите за имплементација на НАТО стандардите, прва единица од Армијата одликувана со орден за воени заслуги, прва единица која своето знаење безрезервно го дели со останатите во Армијата и партнерските држави. Да се биде прв е престиж, но да се биде прв и да се остане прв е ваша обврска и ваш аманет“, истакна генералот Лафчиски и им порача да останат верни на професијата и искрени кон себе и кон единицата. Командантот на Баталјонот за специјални сили потполковник Благој Наумов истакна дека единицата составена од избрани, храбри и силни припадници е столб на слободата, сувереноста и територијалниот интегритет и дека била и ќе остане расадник на квалитетни кадри за што покажува и фактот дека од неа се произлезени многу команданти, генерали, функционери и лидери на раководни позиции.
„Продолживме по патот што беше започнат од нашите претходници, се надоградуваме, се усовршуваме и сега може да се каже дека гордо стоиме рамо до рамо со нашите НАТО партнери, притоа чувајќи ги вистинските национални вредности“, рече потполковник Наумов. На денешната свеченост бСС додели плакета за 30-годишна соработка со Армијата на САД на Канцеларијата за соработка во одбраната на САД (ODC), како и плакети на министерот за одбрана и НГШ на Армијата. По повод Денот на единицата беа доделени и стимулативни мерки за припадниците на единицата кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период. На свеченоста присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, команданти на единците од МВР и други гости. Во пресрет на одбележување на Денот на единицата, припадниците на бСС заедно со припадниците на САЕ „Тигар“ реализираа крводарителска и хуманитарна акција, покажувајќи ја својата хуманост и солидарност на дело.