Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски вети реконструкција на културните центри во Ченто, Маџари 1, Колонија и Булачани уште во 2021 година. Ова ветување не е исполнето, пишува Вистиномер. Домот на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто е еден од четирите културни центри – останатите се во Маџари 1, Колонија и Булачани – чија реконструкција беше ветена од градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во неговата предизборна програма. Наместо ветената реализација на овие проекти до крајот на неговиот мандат (предвидениот рок за наредните локални избори е октомври 2025), деновиве е започната реконструкцијата само на еден – Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто, со најава дека ќе биде готова до крајот на идната – 2026 година, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост. Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски меѓу приоритетните проекти од програмската платформа „Гарантираме за Гази Баба – Создади нова иднина“ ја наведе и реконструкцијата на Културните центри на територија на општината. Ветување: Во насока на создавање репрезентативни културни центри со соодветна културна понуда во рамките на локалните заедници во Општината, ќе пристапиме кон реконструкција на културните центри во Ченто, Маџари 1, Колонија и Булачани. Очекуваме и веруваме дека тие ќе придонесат за подинамична и поквалитетна културна активност на сите креативни луѓе во локалната заедница. Во нивните рамки ќе создадеме деловен простор за развој на малото стопанство кое ќе ја обезбеди финансиската оддржливост на културните центри. Буџет: 120000000 денари. Извори на финансирање: буџети на Општина Гази Баба, Град Скопје и на РМ. Рок: 2021 – 2025 година.
[Извор: Платформа „Гарантираме за Гази Баба – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021] ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: Бобан Стефковски како кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во предизборното обраќање меѓу останатите ветувања ја потенцираше неговата убеденост дека општината може да има богат културен живот, со визијата за „Гази Баба како општина во главниот град на државата, Гази Баба како европска локална самоуправа!“.

Во неделата (23.02.2025) медиумите објавија дека во Општината Гази Баба започна реконструкција на Домот на култура „11 Октомври“ во населбата Ченто, како еден од четирите проекти на Општината кои ќе се реализираат со средства од буџетот во првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините. На настанот со кој е објавен почетокот на реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“ присуствува и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Градоначалникот Стефковски во оваа прилика изјави дека Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто ќе се простира на 1.000 квадратни метри, ќе има три нивоа, ќе биде енергетски ефикасeн и целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со посебни потреби, со капацитет за 180 гледачи. Според најавите, Домот на културата ќе ги отвори вратите за посетителите до крајот на идната – 2026 година. Повеќе од четири децении ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба во кое се вршеа и девијантни појави, а за помалку од 18 месеци ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84, 2 милиони денари обезбедени од првиот јавен повик на Владата, изјави Стефковски. Премиерот Мицкоски на неговиот ФБ профил објави дека присуствувал на почетокот на реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“ во населбата Ченто, Општина Гази Баба. Ова е само еден од четирите проекти во Општина Гази Баба, финансирани преку државниот буџет по првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините. Реализацијата на овие проекти е јасен показател за посветеноста кон развојот на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната инфраструктура, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, изјави Мицкоски.
И министерот за локална самоуправа Перински, како и за министерот за култура и туризам Љутков, се пофалија со почетните градежни активности на реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ како важен чекор за подобрување на културната инфраструктура во Гази Баба и Скопје. Домот на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто е еден од четирите културни центри – останатите се во Маџари 1, Колонија и Булачани – чија реконструкција беше ветена од Стефковски во неговата предизборна програма. Од друга страна, пак, „Службен гласник на Гази Баба“ на 28.05.2024 година (стр. 5-11) објави дека Стефковски како градоначалник на Гази Баба донел решение за измена на Планот на програми за развој на Општина Гази Баба, со кое ветениот рок за реализација на проектот за реконструкција на Дом на култура 11 ”Октомври” во населба Ченто се продолжува за една година – до крајот на 2026. За тоа говорат и документите објавени во „Службен гласник на Гази Баба“.
Од друга страна, пак, ветената реконструкција на останатите три културни центри во Маџари 1, Колонија и Булачани во мандатот на градоначалникот Стефковски (2021-2025) не се ни споменува. Според горенаведеното, оценката за ветувањето за реконструкција на културните центри во Ченто, Маџари 1, Колонија и Булачани е неисполнето. Извор: Новинска агенција МЕТА