Институт за медиуми и аналитика (ИМА) деновиве организираше панел дискусија на тема „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“ со цел да се разгледа проблематика од повеќе експерти од полето. Претставници од АВМУ, Иститутот Ресис, Фондацијата Метаморфозис, но и независен експерт дискутираа за улогата на Законот за дигитални услуги, сервисите за проверка на факти и улогата на самите социјални мрежи во справување со дезинформациите. „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“, беше темата на панел дискусијата во организација на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) во која панелисти беа м-р Емилија Петреска Камењарова од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), д-р Снежана Трпевска од Институт РЕСИС, Светлана Сиљјаноска – консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации и Филип Стојановски – Фондација Метаморфoзис.
Панел дискусијата ја отвори Петрит Сарачини од ИМА, кој говореше за целокупните напори во борбата против дезинформациите на социјалните медиуми, со оглед на тоа што тие „…стануваат главен извор на информации ширум светот – ги надминуваат дури и традиционалните медиуми.“Тоа што се случува на социјалните мрежи е експлозија на дизинформаци, пропаганда и говор на омраза. И не е само од индивидуални сметки, туку има и организиран и оркестриран напор од центри на моќ и влијание кои ги тераат овие кампањи, сподели Сарачини. Петреска Камењарова од АВМУ, се осврна врз работата и надлежностите на Агенцијата и улогата на Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – ДСА). Таа појасни дека во минатото македонскиот закон претпоставуваше оти лицата кои објавуваат содржини со цел да информираат, забавуваат или едуцираат корисниците, познати како инфлуенсери, се правни лица. Петреска Камењарова напомена дека седум критериуми треба да се исполни еден субјект за да подлежи на регулации на АВМУ, но потенцира дека „не може и не треба сите инфлуенсери да станат дел од регулацијата“.
Од друга страна, д-р Трпевска од Институтот РЕСИС повеќе се осврна за законската регулатива и до каде сме во процесот со усогласување и приближување на законите со ДСА, особено во доменот на справување со дезинформациите. Таа повеќе рефлектираше за тековните состојби на големите платформи и моменталните напори за справување со дезинформации и проверката на факти. По одлуката на Илон Маск, сопственикот на Икс (поранашен Твитер) да се укине можноста корисниците да пријавуваат дезинформации, минатиот месец и Марк Закерберг, извршниот директор на Мета (компанијата сопственик на Фејсбук, Инстаграм Тредс и Вацап) реши да ја прекине програмата за проверка на факти во САД. Со оглед на тоа што обврската е на големите платформи да воспостават рамка за модерирање на содржините што се споделуваат кај нив и а пропо можностa целосно да се прекине оваа програма, д-р. Трпевска сподели дека ДСА предвидува т.н. „доверливи означувачи“ (Trusted flaggers) кои ќе можат да пријавуваат сомнителна содржина до платформите. Меѓу „доверливите означувачи“ – организации, саморегулаторни тела и други институции коишто се експери за детектирање на содржина од дадена тематика – може и предвидено е да бидат и организации кои работеле на проверка на факти. Таков е примерот со колегите од „Грција Факт-чек“. Сиљаноска, авторка на анализата „Дигитална демократска дистопија и излезот од неа“, се фокусираше главно на штетната улога на алгоритмите на големите платформи и како, според неа, доведуваат до тоа да корисниците да се поделат во два кампови „оние кои го поддржуваат демократскиот начин на владеење и кои сакаат истиот да го уништат.“
Како пример ги спомена мрежите и групациите што вршат неавтентично делување преку анонимни профили и групи за да извршат (малициозно) влијание на јавното мислење, при што „во нашиот случај најчесто се теми околу евроатлантската интеграција на државата“. Тоа најчесто го постигнуваат користејќи т.н. „алго-јазик“, односно кодиран начин (или прикриен јазик, жаргони и преку користење на симболи наместо букви) на пишување на објавите со што се избегнува детекција од алгоритмите на модерирање на содржините. Сиљаноска спомна и за вистинското влијание и ризикот особено врз помладата популација од нерегулираните платформи. Таа ги посочи предизвиците од користењето ан социјалните мрежи кои доведоа до смрт на 14-годишно момче во Албанија. Последно изалагање имаше Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис, кој потсети дека проверката на факти не е партиска алатка, туку посебен жанр на новинарство вкоренет во фундаменталните новинарски практики. Тој потенцира: Партнерството меѓу Метаморфозис и Мета (Фејсбук) се осврнува на дезинформациите кои се споделуваат на Мета платформите и е различно од политичката проверка на факти. Иако тоа го работиме, тој проект е независен и одвоен од содржините што ги рецензираме на Фејсбук. Со други зборови, Стојановски појасни дека содржините објавени од политичари, политички партии и слично не се обележуваат на Фејсбук, односно не им се става видлива оцена, како што е случајот со другите корисници на платформите. Дополнително, тој нагласи дека покрај спречување на ширење дезинформации, проверката на факти има и едукативна компонента, односно може да се користи како едукативен ресурс. Со читањето на написите, согледување како се поставуваат аргументите и како се поткрепуваат истите со проверени ресурси и кредибилни извори, тој смета дека проверката на фактите помага кон подигнувањето на медиумската писменост кај читателите. Извор: Новинска агенција МЕТА