Руската државна новинска агенција ТАСС пренесува за „вжештена средба во Овалната соба меѓу лидерите на Украина и Соединетите Држави“, а во текстот се вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „го прекинувал, се расправал и бил груб кон претставниците на печатот“.
„За време на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп, Володимир Зеленски се обиде да се расправа со американскиот лидер, викајќи, понекогаш одговарајќи на прашања од печатот пред него, понекогаш директно прекинувајќи и грубо реагирајќи на некои прашања од новинарите“, пренесе ТАСС. Руските провладини медиуми јавуваат и дека Трамп ја откажал поддршката од САД за Украина „додека Зеленски не покаже дека сака мир“.
Наслов на друг руски државен медиум, агенцијата РИА Новости, гласи: „Хистеријата на Зеленски во Белата куќа ја шокира Радата“, мислејќи на украинскиот парламент. „Белата куќа никогаш досега не видела такви емоции“, се вели во познат канал на „Телеграм“ кој го поддржува Кремљ. Во меѓувреме, водителка на руската државна телевизија Олга Скабеева на нејзиниот канал на „Телеграм“, зборувајќи саркастично, рече дека „Се чини оти Зеленски разговараше со Трамп од позиција на сила“. Состанокот на украинскиот претседател со американскиот колега, на кој требаше да биде потпишан договорот за украинските минерални суровини, денеска заврши со фијаско, откако изби жестока кавга меѓу Зеленски и Трамп и потпретседателот Венс, на кој американските претставници го обвинија украинскиот лидер дека „не е благодарен кон Америка“ и дека „се коцка со Трета светска војна“. По ова, Трамп го испратил државниот секретар Марко Рубио да им каже на Зеленски и украинските претставници да си одат од Белата куќа, јавуваат американските медиуми.