Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва по дебаклот на состанокот меѓу претседателите на САД и Украина во Белата куќа, изјави дека „постои агресор – Русија и постои народ што е нападнат – украинскиот“, пренесе „Киев индепендент“. -Има агресор, тоа е Русија, има нападнат народ, тоа е Украина, им кажа Макрон за новинарите во Португалија пред крајот на неговата посета на земјата. „Мислам дека бевме во право што ѝ помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа“, додаде францускиот претседател. Реагираше и полскиот премиер Доналд Туск, кој на социјалната мрежа „Икс“ им порача на Зеленски и Украинците дека „не се сами“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ја прекина средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски во Белата куќа, каде што двајцата требаше да потпишат рамковен договор за експлоатација на украинските минерални суровини. Ова следуваше по жестоката расправија меѓу Зеленски и Трамп и Венс пред новинарите и камерите во Овалната соба, во која американскиот претседател и неговиот заменик го обвинија Зеленски дека не е благодарен за поддршката од САД, како и дека „се коцка со Трета светска војна“. По ова, Трамп го испратил државниот секретар Марко Рубио да им каже на украинските претставници дека не се повеќе добредојдени во Белата куќа, пишуваат американските медиуми.