Приватно, дури и руски официјални претставници велат дека биле „вчудовидени“ од непријатниот скандал што денеска се случи во Овалната соба, пишува „Си-ен-ен“ во текст посветен на руските реакции по дебаклот на средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп во Белата куќа. Идејата дека лидери на држави ќе влезат во јавна кавга пред камерите беше исто толку шокантна во Русиј како и насекаде. Јавно, официјалните руски реакции го поддржуваат ставот на Белата куќа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски бил непочитуван. „Како Трамп и Венс се воздржаа и не му удрија шлаканица на копилето, тоа е чудо на издржливоста“, искоментира Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи. Дмитриј Медведев, поранешен руски претседател и близок соработник на Владимир Путин, кој има историја на давање екстремни изјави, отиде уште понатаму: „Дрската свиња конечно доби соодветна шлаканица во Овалната соба. И Доналд Трамп е во право: режимот во Киев „се коцка со Третата светска војна“, напиша тој на „Икс“.
„Историски“ – вака уште еден клучен преговарач и пратеник на Кремљ за САД, Кирил Дмитриев, кусо ги опиша хаотичните сцени во Белата куќа. „Но, зад наводните изливи на гнев, Кремљ тивко седи и ги гледа своите ривали како се отплеткуваат“, пишува „Си-ен-ен“ „Прво, понижувањето на Зеленски од американскиот претседател, неговиот најважен покровител, е слатка победа за Кремљ, кој губи луѓе и пари во, како што ја нарекува, „специјална воена операција“ во Украина веќе три долги години. Расправијата ја доведе во сериозен сомнеж клучната американска воена поддршка за Украина, што може само да им користи на трупите на Кремљ на терен, додека Москва и Вашингтон сега се повеќе се појавуваат на иста страна“, пишува американската телевизиска мрежа.