Американскиот претседател Доналд Трамп денеска одби да им каже на новинарите дали, како што тврдеа извори од неговата администрација, побарал од украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја напушти Белата куќа откако нивниот состанок во Овалната соба се претвори во скандалозен натпревар во надвикување и обвинувања, јавува „Си-ен-ен“.
„Не морам да ви го кажам тоа. Мислам дека го знаете одговорот“, му рече тој на новинар на прашањето дали му рекол на Зеленски да си замине.
Дел од медиумите денеска, повикувајќи се на изјави на анонимни претставници на администрацијата во Белата куќа, објавија дека по непријатната кавга, Трамп и Зеленски се повлекле во различни простории, а по куси консултации со најблиските соработници, Трамп го испратил државниот секретар Марко Рубио да им каже на Украинците дека повеќе не се добредојдени. Двајцата лидери не одржаа заедничка прес-конференција, како што беше предвидено, а не го потпишаа ниту договорот за украинските минерални ресурси, кој беше причината за посетата на Зеленски на Вашингтон.