Поради аерозагадување, особено во зимскиот период, како во Скопје така и во останатите градови во земјава, потребен е зголемен инспекциски надзор и од општинските и од државните инспектори за животна средина. Сепак, инспекторатите се соочуваат со мал број на инспектори, а Државниот инспекторат за животна средина во моментот работи со минимален број, а и од нив дел ќе заминат во пензија. Повеќе од 50 отсто од општините пак немаат назначено овластени инспектори за животна средина, иако согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина таквата законска обврска требале да ја спроведат до крајот на 2022 година. Со последните законски измени од декември лани и јануари годинава, инспекциските служби потпаднаа во рамки на министерствата. Државниот инспекторат за животна средина продолжува да работи како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање, но без сопствен буџет, со што, според стручната јавност се доведува во прашање нивната објективност и независност.
По последните две измени на постојниот Закон за инспекциски надзор во декември 2024 и јануари 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина и натаму ќе функционира како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање, но без правен субјективитет и буџет од прва линија. Инспекциските служби со предлогот ќе бидат дел од министерствата кои ги донесуваат стратегиите и политиките во областа. Ова, отвора во стручната јавност и во јавноста воопшто, прашања за нивната објективност и независност при вршењето инспекциски надзори. Инспекциските служби, меѓу другото, вршат контрола на издадените управни акти од министерствата, укажуваат од Државниот инспекторат за животна средина. Неизвесно е, велат оттаму, како и дали ваквите реформи ќе донесат резултати, со оглед на тоа што се намалува и така минималниот број на инспектори. Во текот на 2026 година ќе заминат во пензија уште тројца државни инспектори за животна средина, а најава за прием на нови се уште нема. Според нив, со укинувањето на Инспекцискиот совет нејасен е статусот на дел од претходните реформи, како на пример платформата Е-инспектор. Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на последните две законски измени, согласно процедурата, спогодбено ги презема вработените, движните и недвижни ствари, документацијата, побарувањата и намирувањата на обврските, средствата за работа, како и сите права и обврски кои произлегуваат од склучените договори на инспекциските служби, настанати до денот на влегувањето во сила на овој закон. Со тоа ДИЖС продолжува да работи без својство на правно лице и буџет од прва линија. Финансиите ќе се водат како посебна Потпрограма во Буџетот на Министерството.
Од Министерството велат дека Државниот инспекторат за животна средина има 27 вработени, од кои 23 се инспектори, а двајца од нив заминуваат во пензија, како и четворица административни службеници. Во однос на вработувањата, Министерството со преземањето на ДИЖС ги презема и неговите планови за вработување и унапредување кои што ќе бидат усогласени со плановите на Министерството. Државниот инспекторат во моментот нема одобрени нови вработувања и унапредувања од страна на Министерството за финансии, информираат за МИА од ресорното Министерство. Оттаму очекуваат позитивен одѕив од надлежните институции во однос на зголемувањето на бројот на инспекторите, со оглед дека проценките укажуваат дека на ниво на државата се потребни приближно 40 државни инспектори по сите основи за да може да се покријат потребите на државно ниво. Се уште имаме општини (повеќе од 50 отсто,) во кои нема овластени инспектори за животна средина, иако согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина до крајот на 2022 година ја имаа таа обврска. Постои идеја за формирање на единствено тело за инспекција со што ќе се обезбеди подобро и поефикасно функционирање на инспекцискиот надзор и онаму каде што нема доволно капацитети и потребни ресурси. Но, тоа треба допрва да се разгледа и развие од идеја до пракса, наведуваат од МЖСПП. Согласно Годишниот извештај за работа за 2024 година, Државниот инспекторат за животна средина, спровел 1 535 инспекциски надзори од кои 1 008 редовни, 247 вонредни и 280 контролни инспекциски надзори. Како резултат на контролите, утврдени се 300 неправилности/законски повреди за кои се изготвени 300 решенија со кои се наредуваат или забрануваат одредени активности, односно се поведени постапки за санкционирање.