Радикалното палестинско движење Хамас ја нарече „воено злосторство“ и „евтина уцена“ одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху , откако Израел денеска објави дека го прекинува пристапот на секаква хуманитарна помош за палестинското население во Појасот Газа.
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху не се наведени детали, но се предупредува дека ќе има „натамошни последици“ доколку Хамас не го прифати американскиот план за продолжување на примирјето меѓу Израел и Појасот Газа, пренесоа агенцииите. Предлогот на пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток, Стивен Виткоф, е за привремен прекин на огнот во Појасот Газа за време на Рамазан и Пасха. Според планот на Виткоф, половина од израелските заложници кои останаа во Газа – и живи и мртви – треба да бидат ослободени на првиот ден од втората фаза од прекинот на огнот. Се превидува преостанатите заложници Хамас да ги предаде откако ќе биде договорен траен прекин на огнот.
Во официјалното соопштение на исламистичкото движење, се наведува и дека Нетанјаху го саботирал договорот за прекин на огнот. Хамас ги повика посредниците да го принудат Израел да ги укине казнените мерки против населението во Појасот Газа. Договорот за прекин на огнот меѓу завојуваните страни стапи на сила на 19 јануари. Неговата прва етапа заврши синоќа, а Израел и Хамас се уште не се договориле за втората фаза.