На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ под наслов „Како станавме увозно зависни за храна?“, говореше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој на неколку проблеми во земјоделскиот сектор, како што се недостатокот на сигурен пласман, проблеми со менаџирањето на водните ресурси и падот на бројот на земјоделци, што довело до намалување на производството. Меѓутоа, тој нагласи дека Македонија поседува три клучни предуслови за успешен развој на земјоделството, квалитетно земјиште, поволни климатски услови и водни ресурси, но дека ефективната поддршка на земјоделците од државата е неопходна за стабилизација и развој на секторот. „Македонија ги има сите битни предуслови за производство на храна, а тоа е квалитетна почва, над 280 сончеви денови во текот на годината, вода како ресурс кој ја имаме, така што сме во ситуација да увезуваме повеќе од тоа што произведуваме. Сметам дека клучниот момент е во делот на рентабилноста на земјоделското производство“, вели Трипуновски. Трипуновски истакна дека увозната зависност на Македонија од земјоделски производи е резултат на неколку фактори, вклучувајќи го и недостатокот на сигурен пласман за домашните производи и квалитетот на животот во руралните средини.
„Ова е само еден од моментите каде што почнаа да се појавуваат негативни трендови во земјоделското производство. Иако Македонија повеќе увезува отколку што произведува, има и други елементи. Тука можам да кажам и квалитетот на животот во руралните средини и делот на сигурниот пласман. Затоа што ние имаме земјоделски производи кои имаат рентабилност, но немаме сигурен пласман и кога ќе ги соберете овие три елементи, доаѓаме до ситуација да сите овие земјоделци кои во минатото произведувале, а статистиката говори дека Македонија е познат производител на квалитетни земјоделски производи кои завршувале и надвор од нашите граници, денеска увезуваме повеќе“, изјави Трипуновски. Трипуновски нагласи дека пресвртот во увозната зависност на Македонија е тесно поврзан со рентабилноста на земјоделството. Тој истакна дека, иако минатите влади алармирале за сериозни пропусти во земјоделскиот сектор, навремени и правилни политики не биле креирани за да се стимулираат земјоделците. Според него, и проекциите за развој на земјоделството и стратегиите за поддршка на земјоделците значително изостанаа, поради што министерството прави ревизија на стратегиите и мерките, за да се анализира нивниот ефект на земјоделското производство. „Сите оние проекции кои требало министерството да ги води во текот на годините, да ги насочува земјоделците во делот на земјоделското производство исто така сериозно изостанаа. Правиме и ревизија на стратегијата која што е во министерството и гледаме дека имаат сериозни отстапки во делот на тоа како се креирале мерки, дали тие навистина имале ефект врз земјоделското производство“, додаде Трипуновски.
Трипуновски потсети на реформите во земјоделството кои ВМРО-ДПМНЕ ги спроведе по преземањето на власта во 2007 година. Тој истакна дека, додека претходната власт управувала со земјоделското земјиште преку мал број договори, ВМРО-ДПМНЕ го трансформирало процесот, ослободувајќи земјиште за вистинските земјоделци. Трипуновски нагласи дека во периодот од 2007 до 2016 година, бројот на договори за земјоделско земјиште се зголемил од 400 на над 10.000. Максималните резултати во земјоделското производство беа постигнати околу 2013-2015 година, но од 2017 година започнал негативен тренд во производството, особено во сточарството, каде што бројот на грла молзни стоки значително опаднал. „Со политиките и трансформацијата на тој процес, се ослободуваше земјоделското земјиште, се даваше на вистинските земјоделци, и бројот на договорите се зголеми од 400 на над 10.000 договори со земјоделци кои го поседуваат земјоделското земјиште. Пикот на македонското земјоделско производство беше некаде 2013-2015 година и тоа се лесно проверливи показатели во сите статистички евиденции кои ги имаме како држава, дали е тоа за бројната состојба на сточниот фонд. Оној негативен тренд започнува некаде од 2017 година и таа анализа која што ја правевме во министерството покажа дека во 2019-2020 година има сериозно опаѓање“, нагласи Трипуновски. Трипуновски посочи дека негативниот тренд во земјоделството е резултат на недостигот на правилно менаџирање и поддршка за земјоделците, кои треба да имаат партнер во државата, особено во економски турбулентни периоди. Според него, Македонија има трите клучни предуслови за успешно земјоделство, како што се земјиштето, климатските услови и водата, но проблемот лежи во недостатокот на соодветна поддршка. Посебно истакна дека површините за наводнување се намалиле од 27.000 хектари во минатото на 13.500 хектари денес.
„Некој кој требаше да ги води овие процеси, да насочува, да помага во тие економски турбуленции, не го направи своето и затоа почна да имаме негативен тренд. Македонија ги има трите битни предуслови за квалитетно земјоделско производство. Еден од тие е водата како ресурс, и она што го кажа и директорот кој што за потсетување во минатото беше и директор на Акционерското друштво АД Водостопанство, каде што белеа рекорди во делот на површини кои беа покриени со вода за наводнување, 27.000 хектари. Денеска, во 2024 година кога ја презедовме власта, оваа површина беше преполовена, на 13.500 хектари кои беа под систем за наводнување. Овој битен елемент на наводнувањето е клучот на успехот и рентабилноста“, истакна Трипуновски. Трипуновски истакна дека лозарството и оризопроизводството зависат од навремено и доволно обезбедување на вода. Проблемите во Кочани се резултат на неефикасно менаџирање на водните ресурси од претходната власт, што доведе до задоцнување на сеидбата и намален квалитет на производите. „Нашето лозарство зависи директно од навремена и доволна количина на вода, нашето оризопроизводство зависи од доволна и навремена количина на вода. Еве сега, во моментот, она што се случува во Кочани е последица на тоа што претходната власт не обезбеди навремена и доволна количина за да сеидбата на оризот биде навремена. Секоја задоцнета сеидба води до пролонгирана жетва, а секоја пролонгирана жетва води до есенски слани кои директно влијаат на квалитетот и на приносот. Тоа во минатото не се случуваше и кога знаете дека нема вода, кога имаше протести по улиците за вода за наводнување, секој земјоделец од година во година прво ги намалува површините, а на крај ги откажува“, кажа Трипуновски.